Неверојатно откритие! Во Албанија пронајдено најголемото подземно термално езеро во светот
Езерото се наоѓа речиси на границата меѓу Албанија и Грција, во долината Вромонери, во близина на Лесковик. Истражувачите не го откриле случајно – го забележале благодарение на столбот пареа што излегувал од подземјето.
Во февруари 2025 година, тим чешки научници, предводени од спелеологот Марек Ауди, го споделија со светот ова големо откритие. Продолжувајќи го истражувањето започнато во 2021 година на југот на Албанија, тие со најсовремена радарска технологија докажаа дека откриле најголемо подземно термално езеро во светот.
Езерото го доби името Неурон, според фондацијата Neuron Foundation, која го финансираше истражувањето. Се наоѓа на дното на 127 метри длабоката бездна Атмос, има должина од 138 метри, ширина од 42 метри и содржи околу 8.335 кубни метри вода. Температурата на водата изнесува 26 степени Целзиусови.
Иако чешките истражувачи првпат го откриле езерото пред четири години, дури сега успеале да ги потврдат неговите неверојатни карактеристики.

Со ова откритие, езерото во Унгарија, откриено во 2008 година под турските бањи во Будимпешта, падна на второ место по големина. Покрај Неурон, познати термални езера како Frying Pan Lake на Нов Зеланд и Сината лагуна на Исланд изгледаат како обични, загреани езерца.
Ова откритие може да има огромно значење за науката, геологијата и дури и за туризмот во регионот.
