ОБЈАВЕН ТЕСТАМЕНТОТ НА ПАПА ФРАНЦИСКО: Ова беше неговата последна желба – ја спомена и сопствената болка
Во тестаментот на папата Франциско, напишан на 29 јуни 2022 година, стои дека неговите посмртни останки треба да бидат погребани во базиликата Св. Марија Велика во Рим, Италија.
Франциско наведува дека токму во тоа древно Маријанско светилиште се молел и на почетокот и на крајот од секое негово апостолско патување.
Тој изразил желба неговата гробница да биде подготвена во една ниша на страничната лаѓа, помеѓу Павлинската капела и Капелата Сфорца. Папата инсистирал неговиот гроб да биде во земја, едноставен, без украси, со само еден натпис — „Franciscus“.

„Трошоците за подготовка на мојот погреб ќе бидат покриени со средства од добротворители, за што организирав пренос до базиликата Св. Марија Велика, и дадов соодветни инструкции на монсињорот Роландас Маџрицкас, литвански католички кардинал, кој од 2024 година служи како надбискуп коадјутор на базиликата“, напиша Франциско.
Тој додаде: „Нека Господ им даде заслужена награда на сите што ме сакаа и што ќе продолжат да се молат за мене. Болката која ме следеше во последниот дел од мојот живот ја принесов на Господ – за мир во светот и братство меѓу народите.“

Ватикан во понеделникот соопшти дека папата Франциско починал од мозочен удар кој предизвикал кома и срцев застој.
„Смртта е потврдена со електрокардиограм“, стои во посмртницата која ја потпишал директорот на Ватиканскиот Оддел за здравство и хигиена, професор Андреа Арканџели.