Ова е единствената ќерка на Гадафи: Се заколна на одмазда кога со бомби ѝ ги разнесоа мажот и детето – шокира со тоа што го работи
Ќерката на Гадафи е доктор на науки, но низ нејзините вени сè уште тлее желбата за одмазда, бидејќи војната ѝ одзеде половина од семејството …
Ајша Гадафи е единствената ќерка на познатиот либиски лидер Муамер ел Гадафи, кој беше брутално соборен од власт по 42 години владеење. Правничка, политичарка и поранешна амбасадорка на Обединетите нации, таа од татко ѝ ја наследи харизмата, пркосниот поглед и контроверзните ставови. Поради нејзиниот атрактивен изглед, своевремено ја нарекуваа „Клаудија Шифер на Северна Африка“. Во последно време се посвети на сликарството, но во неа сè уште гори желбата за одмазда …
Долго време немаше никакви информации за ќерката на Гадафи. Но, во октомври минатата година, таа неочекувано се појави во Москва, предизвикувајќи огромно медиумско внимание. Присуствуваше на отворањето на изложба со нејзини слики во Државниот музеј за ориентални уметности. Своите дела ги посвети – кому друг, ако не на својот татко, полковникот Гадафи, кој за многу Либијци остана бесмртен во срцата.

Изложбата, која беше отворена на 20 октомври – денот кога беа убиени Гадафи и еден од неговите синови – траеше шест недели и предизвика огромен интерес. Меѓу уметничките дела со нејзиниот потпис, се издвојува слика на која се гледаат безживотните тела на нејзиниот татко и брат како лебдат над толпа луѓе што ги снимаат со мобилни телефони.
„Можам само да кажам дека овие платна не се насликани со мојата рака, туку со моето срце“, истакна единствената ќерка и миленичка на либискиот лидер, чиј лик и дело сè уште го интригираат светот, иако веќе долго го нема меѓу живите.

Од доктор по право до бегалец во прогонство
Ајша се школувала во Париз, каде што ја завршила средната школа и Американскиот универзитет. Докторирала правни науки на Сорбона. Покрај тоа, била и генерал-полковник во либиската армија. Како единствена ќерка во големо семејство, била миленичка на својот татко и имала значително влијание врз него.
Беше дел од адвокатскиот тим што го бранеше поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин, што можеби е најистакнатата улога во нејзината правничка кариера. Активно учествуваше во преговори меѓу либиски компании и корпорации од Европската унија. Западните медиуми ја следеа не само поради нејзиниот политички ангажман, туку и поради нејзиниот впечатлив изглед, поради кој доби прекар „Клаудија Шифер на Северна Африка“. Гадафи ја нарекувал „Принцезата“.

Жедна за одмазда
Во февруари 2011 година, протестите што ги покрена „Арапската пролет“ се проширија и во Либија. Оваа земја, со 42 години суверено владеење на Муамер ел Гадафи, се најде во крвав граѓански конфликт. За разлика од останатите земји во Магреб, каде што смените на власт беа релативно мирни, во Либија избувна брутална војна. Полковникот беше убиен на 20 октомври истата година, додека неговата сопруга и децата што преживеаја побегнаа во Алжир два месеца порано.
Ајша Гадафи, единствената ќерка на соборениот лидер, во егзил роди ќерка – малата Сафија, именувана по баба ѝ, Сафија Фаркаш. Родена на 30 август, во време кога Ајша имаше само три дена бегалски стаж. Со мајка ѝ и браќата чекала вести од татковината, но тие биле ужасни. Гадафи бил убиен на брутален начин пред очите на целиот свет …

Неколку месеци претходно, во јули, таа го изгуби сопругот, офицерот Ахмед ел Гадафи ел Гаши, кој не доживеа да го види своето четврто дете. Едно од нејзините постари деца беше убиено во НАТО-бомбардирање.
Ден пред да се породи, загина и нејзиниот помлад брат Хамис, кој страдаше при напад на неговиот конвој во близина на Триполи. Другиот брат, Сеиф ел Араб, загина во воздушен напад врз куќата каде што престојуваше. Постариот брат, Муатасим, беше заробен заедно со нивниот татко и егзекутиран истиот ден.

Од политичка сила до заборавен егзил
Во однос на политичкиот углед и влијанието надвор од Либија, Ајша Гадафи и нејзиниот брат Сеиф ел Ислам беа најуспешните наследници на Муамер Гадафи. И двајцата високообразовани, со наследена харизма од својот татко, пред војната во 2011 година важеа за носители на про-западни, либерални вредности.
До почетокот на граѓанската војна, нејзината улога во јавниот живот на Либија беше позитивно оценувана, особено поради нејзината посветеност на женските и човековите права, што ѝ донесе титула амбасадорка на добрата волја во Обединетите нации. Често се појавуваше во јавноста без традиционален хиџаб, истакнувајќи ги своите модерни идеали.

Но, граѓанската војна го промени начинот на кој меѓународната заедница гледаше на целото семејство, вклучително и на неа. По падот на Триполи, семејството побегна во Алжир, каде што им се изгуби секој траг.
По убиството на Гадафи, Ајша даваше жестоки изјави, повикувајќи на одмазда и вооружен отпор. Отворено им се закануваше на терористите од Ал Каеда, кои ја презедоа власта во Либија. Од татко ѝ очигледно наследи пркос и радикални ставови.

Со текот на времето, се повлече и избра да живее во султанатот Оман, под услов да не се занимава со политички активности.
Во 2021 година, Европскиот суд го отстрани нејзиното име од списокот на лица под санкции, наведувајќи дека таа повеќе не претставува закана за меѓународниот мир и безбедност и дека не учествува во политичкиот живот на Либија.