Откриена најголемата масовна гробница во Европа!
Археолозите велат дека откриле нешто што би можело да биде најголемата масовна гробница некогаш ископана во Европа.
Досега во масовната гробница во центарот на градот Нирнберг биле пронајдени приближно 1.000 скелети на жртви од чума, а експертите веруваат дека би можела да содржи повеќе од 1.500 луѓе.
Остатоците биле откриени во текот на археолошките истражувања пред изградба на нови станбени згради во градот. Мелани Лангбајн од Нирнбершкото одделение за наследство, за „CNN“ рекла дека се идентификувани осум јами, од кои секоја содржи неколку тела.
„Овие луѓе не се погребани на вообичаени гробишта, иако идентификуваме гробишта за заболени од чума во Нирнберг. Тоа значи голем број на мртви кои морале да бидат погребани во краток рок, без оглед на христијанските обичаи за погребување“, навела таа.
Да се утврди староста на скелетите од една јама
Според нејзините зборови, епидемијата како чума е „повеќе од веројатно“ објаснување за масовната гробница. Од 14-ти век Нирнберг неколку пати се соочувал со епидемија на чума, па било тешко да се утврди од кога датираат пронајдените скелети.
Археолозите користеле радиокарбонско датирање и утврдиле дека скелетите од една јама припаѓале на луѓе кои живееле во меѓу доцните 1400-ти и раните 1600-ти години. На локалитетот се пронајдени и остатоци од грнчарија и монети од тој период.
Лангбајн нагласила дека откриле и белешка од 1634-та година во која се опишува избивањето на чумата која убила повеќе од 15.000 луѓе од 1632-ра до 1633-та. Во белешката се наведува дека речиси 2.000 луѓе се погребани кај Св. Себастијан Спитал, местото на моменталното ископување.
Изненаден од откритието
Џулијан Декер, чија компанија „In Tera Veritas“ го спроведува ископувањето, признал дека бил изненаден од откритието.
„Немаше показатели дека се закопани на ова поле“, нагласил тој, додавајќи дека, кога биле откриени првите остатоци, мислел дека би можеле да бидат жртви на бомбардирање од Втората светска војна.
Декер сега верува дека местото содржи повеќе од 1.500 скелети.
„Јас лично очекувам дека тој број ќе биде 2.000, па дури и повисок, што го прави најголема масовна гробница во Европа“, предвидува тој.