Паника во Европска држава: Американец за кој се сомнева дека е заразен со ебола е во изолација – имал контакт со 26 лица
Американски државјанин за кој постои сомнеж дека е заразен со вирусот ебола имал контакт со најмалку 26 лица за време на престојот во Чешка, потврди чешкото Министерство за здравство.
Станува збор за четириесетгодишен маж кој пристигнал во Чешка на 6 мај, откако претходно престојувал во Демократската Република Конго и Руанда. Во петокот вечерта бил префрлен од болницата во Табор во специјализирана установа „Буловка“ во Прага, каде што е сместен во посебен биобокс.
„Мажот имал вкупно 26 контакти во Чешка кои нашите епидемиолози успеаја да ги идентификуваат. Во моментот сите се под надзор и во постојан контакт со надлежните служби. Ниту еден граѓанин не е во непосредна опасност“, изјави Матјаж Фошум, директор на Одделението за јавно здравје за порталот Novinky.cz.
Според достапните информации, дел од контактите се здравствени работници, кои сега се наоѓаат во карантин.
Одлуката за пренос на пациентот во Прага била донесена врз основа на неговите симптоми и патничката историја. Фошум објасни дека пациентот се задржал кратко во Табор и сам дошол во болницата во петокот, по што веднаш бил хоспитализиран.
При транспортот кон Прага бил активиран тим за биолошки закани, а превозот бил извршен под строги безбедносни мерки.
Од болницата соопштуваат дека пациентот е во стабилна состојба.
„Сместен е во изолација во биобокс, а се лекува од страна на лекари облечени во специјални заштитни одела, кои се деконтаминираат при секое влегување“, изјави портпаролката на болницата, Ева Столејда Либигерова.
Крвните примероци на пациентот се испратени во Институтот „Роберт Кох“ во Берлин, а резултатите се очекуваат наскоро.
Како се пренесува еболата?
Вирусот ебола се пренесува преку директен контакт со заразено лице или контаминиран материјал. Симптомите вклучуваат висока температура, повраќање, пролив, мускулна болка и крвавење.
Вирусот првпат е откриен во 1976 година во близина на реката Ебола, и од тогаш предизвикал повеќе епидемии во Африка. Во Западна Африка, помеѓу 2014 и 2015 година, починаа повеќе од 11.000 луѓе. Стапката на смртност се движи меѓу 25 и 90 проценти.
Во последниве години се достапни вакцини против ебола, но опасноста сè уште постои. Меѓународниот комитет на Црвениот крст во јануари предупреди дека поради конфликтите во Конго постои ризик од истекување на вирусот од лабораторија во градот Гома, повикувајќи на итна заштита на примероците кои би можеле да бидат загрозени од борбите.