Пејачка во Иран одржала концерт без хиџаб, властите ја уапсиле
Полиција во Иран во саботата ја привела пејачката Парасту Ахмади откако таа одржала онлајн концерт без да го носи задолжителниот хиџаб.
Според иранскиот закон за морал на жените, секоја жена има обврска да носи хиџаб во јавност, а жените не смеат да одржуваат јавни концерти или слични јавни настапи.
„Пеам за луѓето кои ги сакам. Ова е право кое не може да се занемари, а јас пеам за земјата којашто многу ја сакам“, изјави Ахмади.
Иако иранската пејачка не одржала концерт во живо, на нејзиниот Јутјуб канал настапот го следеле дури 72.000 гледачи и покрај иранските рестрикции за оваа видео-платформа.
По масовното споделување на овој онлајн концерт, полицијата влегла во домот на Ахмади, по што таа била пренесена на разговор со јавен обвинител во Техеран.