ВестиПопуларно

Повеќе од 6.000 луѓе ја гледале смртта на инфлуенсерката: Ја фотографирале додека умирала

Младата инфлуенсерка Аири Сато (22) пренесувала во живо додека патувала со воз, кога беше убиена. Повеќе од 6.000 луѓе го следеле нејзиниот пренос на 11 март, кога, малку пред 10 часот наутро, Сато почнала да вика. Телефонот ѝ паднал на земја, а еден маж влегол во кадарот.

„Дали конечно си мртва?“, прашал тој.

„Кажа каде ќе биде“

Мажот бил идентификуван како 42-годишниот Кенџи Такано, кој бил нејзин следбеник. Нападот се случил близу станицата Таканобаба, која поврзува комерцијални квартови во Токио.

Сато на својот канал објавила дека планира да патува низ железничкиот систем на Токио, а нејзиниот пренос во живо му помогнал на напаѓачот да ја пронајде.

„Дојдов во Токио откако ја гледав нејзината објава дека ќе ја посети линијата Јаманоте. Го следев нејзиниот пренос и барав каде се наоѓа тој ден“, изјавил Такано пред инспекторите.

Избодена повеќе од 30 пати, минувачите ја фотографирале додека умирала

Полицијата соопшти дека Такано ја избодел Сато во главата, вратот и торзото, со повеќе од 30 убоди. Ова укажува дека напаѓачот имал длабока омраза кон неа, пренесува Kyodo News.

Такано бил уапсен на местото на настанот и го признал нападот, но тврдел дека не планирал да ја убие. Оваа изјава, меѓутоа, се коси со тоа што тој го рекол во преносот во живо, неколку секунди пред да ја избоде во главата.

Сато преживеала доволно долго за да биде пренесена во болница, но подлегнала на повредите.

Таа го пренесувала нападот на платформата WhoWatch (HuVoč). Видеото било снимено и почнало масовно да се споделува на интернет. Улицата каде што се случил нападот била прометна, а минувачи ја фотографирале Сато додека умирала и ги објавувале сликите на интернет, пренесува Gizmodo.

„Ми должеше пари“

Такано на полицијата ѝ изјавил дека ја нападнал затоа што Сато му должела пари.

„Успеав да соберам пари преку штедење и потрошувачки кредити и ѝ позајмив повеќе од два милиони јени (околу 13.500 долари) за живот и други трошоци. Решив да ја нападнам затоа што не ми ги врати парите“, рекол тој.

Локалните медиуми пренесуваат дека Такано лани се обидел да контактира со полицијата за да му помогнат да ги врати парите од неа.

Забуна во медиумите – мислеа дека е убиена јапонска актерка

Сато на интернет се претставувала под псевдонимот Аи Могами, што е исто име како на една позната јапонска актерка.

Ова довело до забуна во медиумите, па повеќе новински агенции погрешно известиле дека актерката е убиена, а нејзините фотографии биле масовно споделувани.

Нејзините менаџери објавиле јавно соопштение, изразувајќи сочувство за трагедијата и замолиле луѓето да престанат да шират лажни информации.

Сè поголемо насилство врз инфлуенсерите

Инфлуенсерите кои пренесуваат во живо често се соочуваат со закани, пишува Gizmodo.

Иако директните напади се ретки, тие сепак се случуваат.

Минатиот ноември, еден маж во Кина нападна двајца студенти за време на пренос во живо и на едниот му ја отсече раката.

Во Јужна Кореја, еден YouTuber во педесеттите години го уби својот ривал во текот на пренос во живо во Бусан, а подоцна му се заблагодарил на судот откако добил доживотна казна.

Три инфлуенсерки на Twitch неодамна пренесуваа во живо патување низ Лос Анџелес, кога еден маж јавно им се закани дека ќе ги убие во живо. Тој избегал пред полицијата да пристигне, а сторителот сè уште не е пронајден.

Познатата инфлуенсерка Кејтлин „Амоурант“ Сирагуса на 2 март пренесувала во живо провала во нејзиниот дом. Таа изјави дека повеќе мажи влегле во нејзиниот дом, ја претепале и ја удирале со пиштол, барајќи пари.

Нападот завршил кога нејзиниот сопруг пукал и убил еден од напаѓачите. Полицијата во Хјустон сè уште ја истражува оваа случка, наведува Gizmodo.