ВестиПопуларно

„Подготвен сум за договор“ – Зеленски за конфликтот со Трамп: Америка нема да ја запре воената помош за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изрази уверување дека може да ги обнови односите со американскиот претседател Доналд Трамп, по нивната средба исполнета со несогласувања во Овалната соба во Белата куќа во петокот.

Тој истакна дека е неопходно разговорите со Трамп да продолжат во поинаков формат, пренесува Ројтерс.

Во обраќањето до новинарите во Лондон, Зеленски изјави дека се подготвува за нови предизвици, иако не верува дека САД ќе ја прекинат воената помош за Украина, бидејќи тоа, според него, би му помогнало на рускиот претседател Владимир Путин.

Тој додаде дека сè уште е подготвен да потпише договор за ретки земни метали со САД и изрази надеж дека и Вашингтон е подготвен за таков договор.

Самит за Украина

Зеленски претходно денеска, по самитот на европските лидери во Лондон, изјави дека со европските партнери работи на воспоставување цврста основа за соработка со САД за да се постигне мир и да се гарантира безбедноста на Украина.

„Ја чувствуваме силната поддршка за Украина, за нашиот народ, војници и цивили, како и за нашата независност. Единството на Европа е на извонредно високо ниво, какво што не било долго време. Со нашите партнери разговараме за безбедносни гаранции и услови за праведен мир за Украина,“ напиша Зеленски на мрежата X.

Тој им се заблагодари на партнерите за нивните напори за воспоставување мир во Украина, додавајќи дека „само заедничка сила може да ја заштити нашата иднина“.

Конфликтот меѓу Трамп и Зеленски

Посетата на Зеленски во Белата куќа во петокот била прекината откако влегол во жестока расправија со претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, кои го обвиниле за „непочитување“ за време на состанокот во Овалната соба.

По инцидентот, украинскиот лидер ја напуштил Белата куќа без коментар, додека Трамп на платформата Truth Social напиша дека Зеленски не е подготвен за мирно решение на конфликтот во Украина и дека покажал непочитување кон САД.