Полски министер: Русија би изгубила во војна против НАТО
Полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски во вчерашниот говор во полскиот парламент рече дека Русија ќе ја загуби војната со НАТО, но дека членките на таа алијанса треба да ја зајакнат одбраната.
Сикорски во полскиот парламент, претставувајќи ја новата насока на владата на премиерот Доналд Туск, изјави дека планира да се врати во групата европски земји кои ја „одредуваат агендата на Европската унија“, пренесува “Associated Press”
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин води „хибридна војна против Полска“ и дека Русија лажно ја обвинува Полска дека сака да анектира делови од западна Украина во близина на градот Лавов, кој некогаш и припаѓал на Полска.
Министерот рече дека развојот и безбедноста на Полска треба да се заснова на соработка со земјите од НАТО и ЕУ, особено со Германија. Конфликтите на Полска со Германија за време на претходната влада, како што рече Сикорски, нема да бидат политика на владата на Туск, пренесува Танјуг.
„Различните мислења не значат дека сме осудени на вечен конфликт. Германија е наш демократски сосед, наш најголем трговски партнер, важен европски актер и клучен сојузник во НАТО. Варшава и Берлин си се потребни“, истакна Сикорски.
Пред обраќањето, министерството соопшти дека визијата на Сикорски за ЕУ е блиска до визијата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој смета дека таа треба да биде понаметлива на меѓународната сцена.