ВестиПопуларно

Пред нас е најтоплото лето досега – Ситуацијата е сериозна, Балканот станува пустина

Балкнот ова лето ќе се соочи со рекордно високи температури и екстремни временски услови.

Долгорочните прогнози на Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ) најавуваат жешко лето и топлотни бранови. Дополнителна опасност е фактот што просечните температури во Србија се зголемени за речиси два степени Целзиусови, што доведува до почести суши, бури и суперќелиски олуји. Стручњаците предупредуваат – Балканот станува сè посув, а екстремните временски услови сè почести и поразорни.

Глобално затоплување – алармантни податоци

Во извештајот на Светската метеоролошка агенција на Обединетите нации се наведува дека глечерите низ светот се повлекле повеќе од кога било во периодот од 2011 до 2020 година. На Антарктикот е изгубено повеќе од 75% од ледот во споредба со претходните 10 години, а оваа загрижувачка информација може да придонесе за сè поекстремни временски услови, како што веќе сведочиме во Србија.

Најжешкото лето досега

Веќе се забележуваат ефектите на овие промени, потврдуваат климатолозите. Просечната годишна температура во Србија се зголемила за речиси два степени Целзиусови, што е побрзо од глобалниот просек. Според прогнозата на РХМЗ, оваа година не очекува жешко лето со малку врнежи, а првите топлотни бранови ќе пристигнат во јули.

Според долгорочната прогноза на РХМЗ, во јуни, јули и август се очекуваат температури повисоки од просекот. Во Белград и околината, просечната максимална температура на воздухот во јуни ќе биде околу 27,7 степени Целзиусови.

Прв топлотен бран во јули

Во јули РХМЗ најавува први топлотни бранови, со просечна температура од 19 до 30 степени Целзиусови.

Се очекува просечната минимална температура во јули да биде над повеќегодишниот просек.

Во текот на јули ќе има сушен период – времето ќе биде исклучително топло, а врнежите ќе бидат под просекот.

И во август жешко и без дожд

Топлотни бранови се очекуваат и во текот на август, кога исто така ќе има и помалку врнежи од вообичаено.

Просечната минимална температура во август ќе биде над повеќегодишниот просек – во Белград и околината ќе биде најмалку околу 18 степени.

Просечната максимална температура во август ќе биде повисока од повеќегодишниот просек низ целата земја. Во Белград и околината се очекува просечна максимална температура од околу 30,2 степени Целзиусови.

Ситуацијата е сериозна – Балканот станува пустина

Метеорологот Недељко Тодоровиќ истакнува дека во изминатите години во Србија се забележани сè поекстремни временски услови, вклучувајќи и суперќелиски олуји. Силни ветрови, поплави и град со големина на тениско топче предизвикуваа хаос, оставајќи пустош во Белград и Нови Сад.

Како и Тодоровиќ, климатологот Владимир Ѓурѓевиќ ја нагласува сериозноста на ситуацијата, предупредувајќи дека светот се движи кон најлошите сценарија на глобалното затоплување.

„Ако не се преземат одлучни мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, до 2065 година температурата би можела да се зголеми за 2 степени Целзиусови“, изјави Ѓурѓевиќ, додавајќи дека без превентивни мерки, температурата може да се зголеми за дури 4 степени до крајот на векот.

Интернет-порталот Big Think некогаш објави мапа што покажува како би изгледал светот доколку просечната годишна температура се зголеми за 4 степени.

Со портокалова боја беа обележани подрачјата што би станале „ненаселиви пустини“, меѓу кои и целиот Балкански Полуостров, Австрија, Унгарија, Германија, Шпанија, Португалија … Според предвидувањата, реките ќе пресушат, а снегот на Алпите ќе исчезне.

Колку е важен тој 1 степен?

Светот се соочува со огромни предизвици поврзани со глобалното затоплување. Летата стануваат сè поекстремни, со температури што рушат рекорди. Тоа значи дека во иднина можеме да очекуваме уште поголеми климатски екстреми, високи температури и разорни суперќелиски олуји.

Климатологот д-р Владимир Ѓурѓевиќ објасни зошто дури и 1 степен зголемување на температурата е алармантен:

„Кога човек има телесна температура од 36 степени, тоа е нормално. Кога температурата достигнува 37 степени, тоа е аларм, а на 38 веќе не се чувствувате добро.“

Тој предупреди дека зголемувањето на глобалната температура предизвикува системски промени:

„Кога планетата е потопла за 1 степен, тоа значи повеќе екстремни климатски настани. Затоа се соочуваме со суши, шумски пожари, екстремни врнежи и поплави, кои ќе бидат сè поинтензивни и поразорни во иднина. Ќе претрпиме поголеми штети и дефинитивно ќе ни биде понепријатно да живееме на оваа планета“, предупреди Ѓурѓевиќ.

Екстремни температури, суперќелиски олуји, пожари

Данијела Божаниќ, консултант за климатски промени и животна средина, истакнува дека летото 2023 година беше најтоплото досега, со рекордни температури што ја надминаа границата од 1,5 степен над просекот.

„Зголемувањето на температурите овој месец достигна и до 2,8 степени повеќе од минатата година. Според податоците на Републичкиот хидрометеоролошки завод, во Србија во последните 71 година, по топлото лето 2022 година, само летата 2017 и 2012 беа потопли“, истакна Божаниќ.