ВестиПопуларно

Саудиски принц 20 години е во кома: Неговиот татко одбива да го исклучи од апарати, причината е потресна

Принцот Ал-Валид бин Калед бин Талал, често нарекуван „заспаниот принц“ на Саудиска Арабија, веќе 20 години се наоѓа во кома, а неодамна беше одбележан неговиот 36. роденден.

Како што пренесува Roya News, принцот бил студент на воена академија во 2005 година кога доживеал тешка повреда на мозокот во сообраќајна несреќа. Оттогаш, тој е на апарати за одржување во живот во медицинскиот центар Крал Абдулазиз во Ријад.

И покрај советите од медицинските експерти да се прекине со одржувањето на животот, таткото на принцот, Калед бин Талал Ал Сауд, останува цврст во одлуката да продолжи со грижата за својот син, верувајќи во можноста за чудесно оздравување. „Ако Бог сакал да умре тој ден, ќе го направел тоа“, изјавил тој во една прилика, одлучен да не ја изгуби надежта.

Принцот Ал-Валид е на апарати веќе две децении.

Во 2019 година, се појавија извештаи дека принцот покажал мали движења – кренал прст или нежно ја завртел главата – но никогаш не се разбудил целосно.

Принцот Ал-Валид останува симбол на упорната надеж за многу луѓе во кралството, и покрај тоа што неговата кома трае веќе две децении.

Како член на саудиското кралско семејство, Ал-Валид е правнук на кралот Абдулазиз – основачот на модерна Саудиска Арабија – и внук на принцот Талал бин Абдулазиз. Иако не е во директна линија за наследување на престолот, тој е правнук на сегашниот монарх, кралот Салман бин Абдулазиз.