ВестиПопуларно

Сончевата суперолуја може да ја погоди Земјата? Научниците предупредуваат на можно катастрофално сценарио: Го опишаа детално

Сончева суперолуја, доволно силна за да предизвика „интернет апокалипса“, да ги онеспособи сателитите и да го загрози снабдувањето со питка вода, може да ја погоди Земјата во секој момент, предупредуваат експертите.

Сончев еруптивен блесок од таков обем последен пат се случил пред повеќе од илјада години – многу пред појавата на електричната енергија, пишува „Дејли Мејл“.

Но, доколку нешто слично се случи денес, тоа би можело да ги изгори електроенергетските трансформатори, да предизвика колапс на финансиските пазари и потенцијално целосно да ја прекине комуникацијата во авионскиот сообраќај, предупредуваат научниците.

Фабриките за прочистување вода би останале без струја, а храната во фрижидерите и замрзнувачите би се расипала многу брзо.

Луѓето кои патуваат на високи надморски височини, особено во близина на половите, би биле изложени на зголемени дози на радијација, а долгорочно би можела да биде оштетена и заштитната озонска обвивка на Земјата.

Единствената „позитивна“ страна би била спектакуларната појава на поларна светлина – видлива низ целата планета.

Еве чекор по чекор како би изгледал ваков настан доколку повторно се случи.

Мијаке-настанот

Научниците дознаа за претходен екстремен сончев блесок преку детална анализа на годишните прстени на дрвјата. Во 2012 година, докторантката Фуса Мијаке направила извонредно откритие истражувајќи древни јапонски кедри.

Таа открила голем скок на нивото на јаглерод-14 пред околу 1.250 години.

Тимот заклучил дека скокот бил предизвикан од огромна количина честички кои ја погодиле Земјата – најверојатно резултат на масивна експлозија на Сонцето.

Феноменот денес е познат како „Мијаке-настан“, именуван по истражувачката која прва го открила.

Професорот по вселенска физика на Универзитетот во Рединг, Метју Овенс, за „МејлОнлајн“ изјавил дека нов Мијаке-настан би предизвикал хаос на Земјата.

„Возбудливо е ако сте астрофизичар, но застрашувачко ако управувате со електроенергетска мрежа“, рекол тој.

Доколку интернетот откаже, финансиските пазари како Њујоршката берза би се срушиле.

Авионите би претрпеле целосен прекин на комуникации, а патниците и екипажот на голема височина во близина на половите би биле изложени на зголемени дози на радијација.

Енергетските трансформатори би можеле да изгорат, предизвикувајќи прекин на снабдување со струја.

НАСА забележа ерупција на Сонцето на 1 октомври 2024 година, но дури и таа била многу послаба во споредба со потенцијален Мијаке-настан.

„Ако изгубите струја, ќе изгубите интернет, но и основни работи – како чиста вода, бидејќи пумпите работат на струја, а и санитарните системи зависат од електрична енергија. Дури и храната станува проблем – многу зависиме од ладење. Ако струјата отсуствува подолг период, пристапот до вода и храна станува сериозно ограничен.“

Експертите велат дека би имале само околу 18 часа предупредување пред ваков настан да се случи.

Можни се сериозни последици и во воздушниот сообраќај, поради прекини во комуникациите. Патниците во авиони кои летаат на висока надморска височина и во поларните предели би можеле да примат зголемени дози радијација.

Ако повторно се случи, Мијаке-настанот би бил најмалку 10 пати посилен од најпознатата соларна бура од 1859 година.

Позната како Карингтонов настан, тоа беше најинтензивната геомагнетна бура во историјата. Предизвика поларна светлина низ целиот свет – дури и во тропските региони.

Но, исто така, предизвика и хаос во тогашните телеграфски системи – искри избувнувале од уредите, операторите добивале електрични шокови, а хартијата се палела.

Непознато е какво влијание би имал врз човечкото здравје

Професорот Овенс вели дека е невозможно точно да се процени какво влијание би имал Мијаке-настанот врз човечкото здравје.

„Нивото на зрачење за време на Карингтоновиот настан било еквивалент на неколку рендгенски снимања на бели дробови. Не би сакале да го добиете – но не е фатално.“

Можноста за нов Мијаке-настан е тема на научни дискусии во последниве години.

Во студија од 2022 година, објавена во списанието Proceedings of the Royal Society A, истражувачи од Универзитетот во Квинсленд напишаа:

„Ако денес се случи Мијаке-настан, ненадеен и драматичен пораст на космичко зрачење би можел да биде разорен за биосферата и технолошкото општество. Особено загрижува тоа што немаме речиси никаква можност за предвидување на вакви настани, ниту на нивните последици.“