Топлотните бранови се тивки убијци
Научниците наведуваат дека четири милијарди луѓе – речиси половина од светската популација – доживеале „најмалку 30 дена“ екстремна горештина поради климатските промени во периодот од мај 2024 до мај 2025 година.
Екстремните температури предизвикале болести, смртни случаи, загуби на земјоделски приноси и оптоварување на енергетските и здравствените системи на целите држави, се наведува во извештајот на неколку организации, меѓу кои и Меѓународниот Црвен крст.
„Иако поплавите и ураганите често доминираат во медиумите, топлината веројатно е најсмртоносниот екстремен настан“, се вели во извештајот, додавајќи дека речиси во сите земји бројот на денови со екстремна горештина најмалку се удвоил.
Топлотните бранови се тивки убијци, изјави Фридерике Ото, професорка по климатски науки на Империјал колеџот во Лондон и една од авторките на извештајот.
Најпогодени се сиромашните слоеви и ранливите групи на население, како што се постарите лица и луѓето со здравствени проблеми.

Карипските острови биле меѓу најтешко погодените региони со дополнителни денови на екстремна горештина.
Порторико, територија на САД, забележа 161 ден екстремна горештина. Без климатските промени, таа бројка би изнесувала само 48.
Во извештајот се наведува дека високите температури забележани во централна Азија во март, Јужен Судан во февруари и Медитеранот во јули минатата година не би биле можно без климатските промени.
„Луѓето забележуваат дека температурите се зголемуваат, но не секогаш знаат дека тоа се должи на климатските промени“, вели Руп Синг, раководител на Центарот за урбанистичко планирање и атрибуција при Климатскиот центар на Црвениот крст.

Во извештајот се наведува дека стратегиите за справување со топлотните бранови вклучуваат системи за следење и известување за екстремни температури, обезбедување итни здравствени услуги, нови градежни регулативи, спроведување правила за безбедност на работа при високи температури и урбанистичко планирање на градови кои се поотпорни на топлина.
Градските иницијативи за справување со екстремната горештина веќе добиваат популарност во делови од Јужна Азија, Северна Америка, Европа и Австралија. Еден пример е иницијативата за садење дрвја во Марсеј, јужна Франција, со цел да се создадат повеќе засенчени површини.
Но без постепено укинување на фосилните горива, топлотните бранови ќе продолжат да стануваат сè поинтензивни и почести, а мерките за заштита од горештина ќе ја губат својата ефикасност, предупредуваат научниците.