ВестиПопуларно

Трамп му порача на Зеленски: „Се коцкаш со Третата светска војна“

Американскиот претседател Доналд Трамп се наоѓа на состанок во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Состанокот доби непријатен тек кога Трамп го обвини Зеленски дека „се коцка со Третата светска војна“.

Американскиот претседател одговори на прашањето за неговата порака до НАТО-сојузниците во Централна и Источна Европа, кои изразуваат загриженост поради експанзионистичката политика на рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп нагласи дека е „усогласен и со Путин и со Украина“, бидејќи, како што рече, „инаку никогаш не би можел да постигне договор“.

„Нема да го напаѓам Путин, морам да постигнам договор“, изјави Трамп, одбивајќи да каже нешто негативно за рускиот претседател.

„Нема да зборувам ужасни работи за Путин, бидејќи тоа би ги отежнало преговорите“, додаде тој.

Истовремено, Трамп нагласи дека не е „на ничија страна“.

„Не сум на ничија страна. Јас сум на страната на САД и на доброто во светот“, изјави тој.

Состанокот станал уште понепријатен кога Трамп му порача на Зеленски дека „мора да биде благодарен“, обвинувајќи го дека „се коцка со Третата светска војна“.

Зеленски не одговорил веднаш на оваа изјава, но претходно инсистираше дека не смее да има никакви компромиси со Путин.