ВестиПопуларно

Укинат притвор на еден од осомничените во случајот со убиството на Вања и Панче

Стефан Димковски, возачот којшто го возеше Љупчо Палевски – Палчо, главниот осомничен за убиството на малата Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски низ Србија, Бугарија и Турција е пуштен да се брани на слобода.

Оваа одлука ја донел Кривичниот суд, откако, судија на претходна постапка во три наврати му го продолжуваше притворот и три месеци го држеше зад решетки, информира „Skopje1.mk“.

Инаку, Димковски е осомничен дека му помагал на Палчо да избега од Македонија, откако тој го извршил двојното убиство врз Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

„По предлог на надлежен обвинител за укинување мерка притвор за С.Д и определување мерки за претпазливост, судија на претходна постапка му определи мерки, забрана за напуштање живеалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување во суд и одземање, односно забрана за користење возачка дозвола“, информираат за „Фокус“ од Кривичниот суд.

Димковски се сомничи за помагање, а според Обвинителството, законот не дозволува притвор подолг од три месеци.

„Со оглед на кривичното дело за кое е осомничено лицето и запретената затворска казна, максималното законски возможно траење на притворот за овој осомничен е три месеци. По истекот на тој рок, притворската мерка за осомничениот е заменета со соодветни мерки на претпазливост“, велат од Обвинителството.

Инаку, Димковски го возел Палчо на релација Белград-Бугарија-Турција, па се вратил во Македонија каде беше уапсен на граница.

Ова е прво укинување на притвор за овој предмет, во притвор остануваат осомничените за реализација на убиството и таткото на малата Вања, Александар Ѓорчевски, којшто е осомничен за помагање со тоа што дал информации за тоа кога Вања ќе ја напушти зградата.