Ураганот убил 11 членови на неговото семејство! По свадбата и веселбите, сега се подготвуваат за погреб на најблиските
Ураганот Хелен однесе најмалку 230 животи.
Дури 11 членови на исто семејство ги загубија животите во лизгање на земјиштето предизвикано од ураганот Хелен во Фервју, Северна Каролина. Семејството Крег живеело во три куќи една до друга, а по нив целата област го добила името „Крегтаун“.
Соседите го опишаа семејството Крег како столб на малата заедница Апалачи. Џеси Крег за локалната телевизиска станица ABC 11 изјави дека ги загубил мајка си, татко, тетка, вујко, прабаба и прадедо, како и други и поблиски роднини.
Свлечиштето, предизвикано од огромните количества вода донесени во регионот од ураганот Хелен, се сруши од планината, уништувајќи три домови кои претставувале осумдецениска семејна историја.

– Го видоа, беа сведоци, мораа сето тоа да го гледаат – изјави Брајан Крег, еден од преживеаните членови на семејството.
– Водата донесе дрвја, камења, кал, беше страшно – додаде Брајан и истакна дека семејството неодамна славело свадба, но дека сега покрај фотографии од веселбата ќе имаат и слики од луѓе кои веќе не се меѓу нив.
Семејството и соседите започнаа кампања GoFundMe за собирање средства за погреби и реставрација на семејниот имот. Досега се собрани над 184.000 долари.

– Никогаш повеќе нема да биде исто. – рече Брајан и додаде дека преживеаните членови на семејството мора да продолжат со животот.
– Знам дека тие би го сакале тоа. – заклучи Брајан.
Загинатите членови на семејството се меѓу 230-те луѓе кои ги загубија животите како последица на ураганот Хелен во Вирџинија, Тенеси, Џорџија, Северна и Јужна Каролина. Повеќе од две недели по невремето, спасувачите и волонтерите сè уште трагаат под урнатините по тела, а многу луѓе се уште се водат како исчезнати. Првичните проценки на Белата куќа укажаа дека бројот на жртви би можел да достигне и до 600.