Хорор во Шпанија: Родители ги држеле децата затворени четири години – причината е бизарна!
Шпанската полиција уапсила брачен пар под сомнение дека од 2021 година на сила ги држел своите три деца – осумгодишни близнаци и едно дете на возраст од десет години – затворени во куќа во предградие на Овиедо, во нехигиенски услови, опкружени со измет, болни животни и искористени пелени.
Се сомнева дека децата повеќе од четири години не излегле надвор, ниту пак посетувале училиште.
Според извори блиски до истрагата, акцијата започнала на 14 април, откако сосетка пријавила во полиција дека верува оти во куќата живеат деца, но одамна не ги видела надвор. Таа раскажала дека повремено слушала детски гласови и дека ги видела како ѕиркаат низ прозорец.
Истражителите откриле дека вратата на куќата ретко се отворала – најчесто само кога таткото излегувал да подигне нарачки од супермаркет.
По добиениот налог за претрес, полицајци и инспектори пристигнале на адресата. Мажот им ја отворил вратата и брзо признал дека има три деца, молејќи ги полицајците да не им се приближуваат.
„Беа преплашени, се криеја кај мајка им. Жената постојано повторуваше дека децата се тешко болни“, изјави еден од полицајците.
Тој додаде дека децата биле целосно изолирани од надворешниот свет:
„Кога излегоа надвор, едно од нив со чудење ја допре тревата со рацете. Сите тројца длабоко вдишија воздух. Се однесуваа како никогаш да не биле надвор.“

Таткото е со германско потекло, додека мајката има двојно државјанство – американско и германско. Двајцата се уапсени и се наоѓаат во притвор. За децата сега се грижат социјалните служби.
Шпанските медиуми пренесуваат дека куќата била полна со лекови, главно за АДХД, кои, како што се сомнева, родителите ги набавувале преку интернет. По апсењето, таткото признал дека им давал на децата лекови базирани на ТХЦ.
Куќата, обрасната со плевел и со спуштени ролетни, неколку дена била под надзор на полицијата. Според локален службеник, никој не влегувал ниту излегувал од куќата, а само таткото бил пријавен на адресата.

Полицијата го контактирала супермаркетот од кој семејството набавувало храна. Претставниците изјавиле дека мажот секогаш нарачувал големи количини храна, често и производи за жени и детски пелени.
Акцијата за влез била спроведена за време на масовен прекин на струја. Таткото, доктор по филозофија од Хамбург, им дозволил влез на полицајците и ги замолил да ја однесат болната мачка. Во едно од бањите, полицијата ја пронашла мачката, која лежела во измет.
При извлекувањето на децата од куќата, мајката постојано повикувала полицијата да внимава бидејќи „се многу болни“. Но, по деталните прегледи во болница, било утврдено дека децата се физички здрави.

Полицијата затекнала ужасна состојба – децата сè уште носеле пелени и спиеле во креветчиња на кои самите нацртале чудовишта.
Иако не постои официјална потврда за причината зошто децата биле држени во заточеништво, се сомнева дека станува збор за страв од коронавирус. Стручњаци дополнително укажуваат на можна психичка нестабилност на родителите.
Против нив е поднесена пријава за злоупотреба и занемарување на деца, а децата се сместени во институција за згрижување.