Ќе ги бојкотирате ли утре маркетите? Бојкотот во Хрватска даде резултат, нашите марките веќе повлекоа потези
По бојкотот на маркетите поради високите цени во Хрватска, нешто слично за утре е најавено и во Македонија, Црна Гора и БиХ. Надлежните институции најавуваат строги контроли во маркетите.
Премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
– Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Јавниот повик за бојкот е поддржан и од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
– Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, изјави претседателка на ОПМ, Мирјана Лончар за МИА.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за околу 400 денари во однос на декември, а во делот на храната и пијалоците има зголемување за 123 денари.

Некои нудат пониски цени, некои ќе прават попис
Најавата за утрешниот граѓански бојкот на маркетите ги натера менаџерите на ланците супермаркети нудат акции со кои „значително“ ќе се намалат цените на најосновните производи, а дел од нив решија да прават попис додека трае бојкотот.
Еден од најизвиканите супермаркети „Тинекс“ прво ги извести своите членови дека најдоцна до утре, 31 јануари кога ќе има бојкот, можат да ги искористат неискористените поени собрани во 2024 година на своите поен-картички. Во спротивно, поените ќе бидат избришани.
Во Хрватска бојктот беше успешен
Трговскиот синџир „Конзум“ во Хрватска најави намалување на цените на 250 домашни производи кои не се опфатени со владината одлука за ограничување на цените.
Просечниот попуст е околу 10 отсто, додека на некои артикли надминува 30 отсто. „Конзум“ наведува дека во оваа нова рунда намалување на цените инвестирала дополнителни милион евра.