ДругоПопуларно

Не е убиен поради својата професија: Две лица приведени поради убиството на докторот во Железара

Две лица се приведени, а полицијата врши претреси во врска со случајот на неодамнешното убиство на матичниот лекар во кругот на поликлиниката Железара, изјави вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој посочи дека за овој предмет СВР Скопје вложи „огромна енергија“.

„Во овој предмет се преземени над 20 истражни дејствија по наредба на јавен обвинител. Разгледани се преку 50-ина видео записи. Во овој момент се постапува по наредба се врши претрес, имаме осомничени лица за настанот. Има материјални траги кои водат до осомничените, а приведени се две лица“, вели тој.

Министерот истакна дека, според информациите со кои во моментов располага, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Потсетуваме, на 21-ми март малку по 23 часот во СВР Скопје било пријавено дека во возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника „Железара“, со убодни рани по телото бил пронајден лекарот. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.