Бугарска лотарија – извлекоа бројче на кое не му е таму местото
На извлекувањето на бугарската игра на среќа Тото 5 од 35, што се одржа на 23 март, од барабанот беше извлечен број 41! Поради ова, извлекувањето веднаш беше повторено во живо.
Првично извлечената комбинација беше 31, 35, 29, 28 и 41, со дополнителни броеви 3 и 1, но таа беше прогласена за неважечка. Во преносот во живо, водителот почнува да ги чита броевите, но кога стигнува до 41, прави пауза, сфаќајќи дека нешто не е во ред.
Наместо оваа, официјално исправната комбинација по повтореното извлекување беше 2, 8, 14, 22, 29, со дополнителни броеви 1 и 1.
Организаторите ги информираа гледачите за повторното активирање на барабанот, наведувајќи дека се случила техничка грешка. Според официјалното соопштение на Бугарската спортска лотарија (БСЛ), проблемот настанал поради „внесување на различен сет топчиња во барабанот за време на втората шанса – 5 од 35 во 24-то коло“.
Организаторите се повикаа на член 23 од правилата на играта Тото 5 од 35 и член 30 од Правилникот за онлајн организација на играта. Врз основа на тие правила, било неопходно да се повтори извлекувањето на добитната комбинација во рамките на преносот во живо.
„Ова може да се случи само на Балканот“, „Чак Норис победи“, „Папата уште не го прогласил за чудо“, беа само некои од коментарите на гледачите.