Како една случајна средба пред 40 години довела до создавање на најпознатата чанта во светот
Оригиналниот примерок на славната “Birkin” чанта, која стана една од најпрепознатливите и најскапите чанти на светот, ќе биде во фокусот на аукцијата „Икони на модата“, се наведува во соопштението на аукциската куќа “Sotheby’s”.
Станува збор за „историска, рачно изработена оригинална верзија“, како што ја опишува куќата, изработена од црна кожа со врежани иницијали „J.B“. Чантата има уникатни карактеристики: метални прстени кои не се отвораат, ремен за рамо кој не се вади и вградени ножичка за нокти.

Раѓање на една легенда
Најпознатата урбана легенда во светот на модерната мода започнува со еден лет од Париз до Лондон. Англиско-француската пејачка и актерка Џејн Биркин, која почина во 2023 година, за време на летот му се пожалила на нејзиниот сопатник дека не може да најде практична чанта што би ѝ одговарала на нејзините потреби како млада мајка.
Сопатникот бил Жан-Луј Дима, тогашен креативен директор на “Hermès“. Нивниот разговор инспирирал создавање на пространа кожна чанта со место за шише и други неопходни работи. Така, во 1984 година се родила “Birkin” чантата.

„Постојат ретки моменти во модата кога еден предмет ги надминува трендовите и станува легенда. Оригиналната “Birkin” чанта на Џејн Биркин е токму таков момент“, изјави Морган Халими, глобален директор на одделот за чанти и мода во “Sotheby’s“.
Четири децении подоцна, оваа кожна чанта е симбол на француската компанија за луксузна кожа. Се произведува во многу ограничен број, што ја одржува нејзината аура на ексклузивност. Цените се движат од неколку илјади евра за најосновните модели до неколку стотици илјади за најлуксузните изданија.
Омилен избор на славни личности како Клои Кардашијан, Џенифер Лопез, Хајди Клум, Роуз Хантингтон-Вајтли и Викторија Бекам, “Birkin” чантите не се изложуваат во продавници и не се продаваат онлајн.

Овој оригинален примерок ќе биде изложен во просториите на “Sotheby’s” во Њујорк од 6 до 12 јуни, по што ќе патува за Париз пред аукцијата. Освен оригиналната “Birkin“, на аукцијата ќе има и легендарни парчиња од модните писти на Кристијан Диор, Тјери Миглер, Џон Галијано и Александер Меквин.
Онлајн аукцијата ќе започне на 26 јуни и ќе трае до 10 јули. “CNN” побара проценка за колку би можела да се продаде чантата, но аукциската куќа не даде официјална проценка.