Забава

Како името ни ја обликува судбината: Од брак до кариера и плата

Од изборот на професија и партнер, преку наклонетоста кон одредени потрошувачки производи, па сè до шансите за кариера – сето тоа може да биде под влијание на името и презимето. Истражувањата покажуваат колку далеку може да оди тој ефект.

Од 1 мај 2025 година во Германија стапува на сила нов закон за лични имиња: тој им овозможува на брачните партнери и родителите слободно да одлучат за заедничко презиме – на пример, преку двојни презимиња за двајцата партнери или заедничко презиме за децата.

Но, имињата се многу повеќе од обична формалност – психолошките студии покажуваат дека тие можат да влијаат на различни аспекти од нашиот живот.

Така, едно американско истражување откри дека луѓе со имиња како Денис и Дена непропорционално често стануваат стоматолози (dentists), додека Лоренс и Лаура почесто стануваат правници (lawyers).

Друго истражување покажало дека имињата влијаат и врз изборот на брачен партнер. Луѓето често избираат партнери со слични презимиња. Така, две лица со презиме Смит се венчаваат двојно почесто отколку комбинација како Смит и Браун, или Смит и Џонс.

Влијанието на личното име се протега дури и до изборот на потрошувачки производи – на пример, чоколадо. Маркетиншко истражување покажало дека некоја Тоња најмногу сака Twixx. Дури и првата буква од името може да влијае на одлуките.

Истражувачите го објаснуваат ова со чувството на блискост. Кога ќе наидеме на зборови што ни се познати поради сличност со нашето име, ги доживуваме како пријатни и доверливи.

Ова го потврдуваат студии спроведени во повеќе од десет земји, каде што испитаниците ги наведувале своите омилени букви. Најчесто биле тие што се појавуваат во нивните имиња – особено иницијалите. А тоа влијае врз одлуките во многу ситуации. Очигледно, без разлика дали станува збор за работа, брак или чоколадо.

Влијание има и значењето на името

Но, не влијаат само звукот и познатоста на името врз нашиот доживување на личностите, туку и нивното значење. Во едно истражување биле анализирани 223.000 профили од Германија на деловната мрежа Xing. Резултатот: луѓе со презимиња што звучат благороднички – Fürst (кнез), König (крал), Kaiser (цар), Ritter (витез) – почесто се на раководни позиции од оние со презимиња како Bauer (селанец), Becker (пекар) или Koch (готвач).

За среќа – како што велат и самите истражувачи – тоа сепак не е единствениот критериум за професионален успех.

Слично е и со имиња што не се наши лични, но ни звучат познато. Во едно истражување на Универзитетот во Келн, испитаниците управувале со виртуелни пари и требало дел од парите да ги доверат на друг играч. Играчот со име Твердохлеб многу поретко добивал пари отколку оној со име Флеминг.

Истражувачите го објаснуваат ова со добро познат психолошки механизам: колку ни е нешто познато – во овој случај, името – толку попријателски пристапуваме кон него.

Личното име може да открие многу – за полот на личноста или за нејзиното потекло. На пример, еден Џастин и еден Карстен најверојатно припаѓаат на различни општествени слоеви. Но, дали од нечие име навистина може да се заклучи и колкава е неговата плата?

Се разбира, кога се гледаат индивидуални случаи, ова не е многу прецизно. Но, ако се анализираат групи на луѓе со исто име, навистина може да се добијат податоци за нивните просечни примања – колку во просек заработува еден Јерг или еден Петер, една Бетина или една Лиза. Тоа го покажува анализата што за весникот Bild ја направил порталот Verivox – врз основа на 250.000 барања за потрошувачки кредити.

Резултат: просечната нето плата на лица со одредени имиња се разликува дури и за повеќе од илјада евра – месечно! Меѓу мажите во Германија, најмногу заработуваат Карстен, Холгер, Јерг и Торстен – нешто повеќе од 3.000 евра, додека најмалку заработуваат Џастин и Леон – 1.923 и 1.952 евра.

Кај жените, најмалку заработуваат Мишел и Селина – по 1.828 евра, додека најмногу Инес и Анке – по 2.343 евра.

А тоа што разликата помеѓу највисоките просечни плати на жените и мажите е исто така огромна – одамна е познато, но и тука е јасно видливо.