Миленијалка се пријавила на 80 работни места, една пријава ја скрши: „Завршив“
По два месеца невработеност и над 100 испратени пријави без ниту еден позитивен одговор, Даниел Пуглиезе од Калифорнија почувствувала длабока фрустрација гледајќи уште еден формулар за апликација кој бараше мотивациско писмо — без никаква гаранција за работа, па дури ни основни информации за самата позиција.
Во кратко TikTok видео таа го прикажа својот отворен, речиси ироничен пристап кон пишувањето мотивациско писмо. Видеото брзо стана вирално, собра речиси 830.000 прегледи, 46.000 лајкови и предизвика бурна дебата околу нејзиниот потег.
„Тукушто се пријавив за една работа и ми побараа мотивациско писмо, а јас само напишав: ’2025 е — нема шанси да го правиме ова‘“, рече таа. Во описот на објавата напиша: „По два месеца невработеност и 80+ апликации, завршив.“
Мотивациските писма стануваат формалност
Иако е свесна дека денес мотивациско писмо може да се напише за неколку минути со помош на алатки како ChatGPT, Даниел смета дека во 2025 година таа обврска сè повеќе изгледа како непотребна формалност.
Реакциите на нејзината објава беа поделени, но јасно го изразија незадоволството од состојбата на пазарот на труд — и кај вработените и кај оние што активно бараат работа.
„HR директор овде. Твоето резиме веднаш ќе биде прескокнат. Тоа е играта што се игра“, „Девојко … јас веќе бев примен, имав договорен датум за почеток, а HR ми прати мејл да испратам мотивациско писмо“, и „Тие побараа три деловни препораки, а јас им одговорив: доставете ми три препораки од поранешни вработени“ — беа само некои од коментарите.
„Невработена си веќе два месеца, а не можеш да напишеш едноставно мотивациско писмо … изгледа дека имаш повеќе од доволно време“, напиша еден корисник, но друга му возврати: „Мотивациски писма и тестирања … не сум толку очајна за таа работа.“
„Како менаџер за вработување можам да кажам: пазарот е исклучително конкурентен — добивам над 700 апликации за сезонска работа со половина работно време. Ако не вложиш труд во процесот, нема да ја добиеш работата“, напиша друг.
Помирена со исходот, но испрати порака
Иако беше свесна дека нејзиниот потег најверојатно нема да ѝ донесе работа, со тоа веќе се имаше помирено.
„Во тој момент ми беше јасно дека нема да бидам сериозен кандидат за таа позиција — и тоа ми беше сосема во ред“, изјави таа, додавајќи дека се надева оти нејзината вирална објава ќе отвори поширока дебата за практиките на вработување.