Мислела дека ѝ починал партнерот и била избезумена од грижа: „Вистината беше уште полоша“
„Се грижев дека повеќе не ме сака, а во најлошите моменти се плашев дека е мртов.“
Додека срцето ѝ треперело од страв, Џени Смит се плашела дека нејзиното момче е мртво додека се качувала на десетчасовен лет од родниот Тексас кон Лондон. Нејзиниот 54-годишен партнер на далечина, Џон Кејхил, одеднаш исчезнал без трага, оставајќи ги нејзините повици и пораки без одговор. Со скршено срце и преплавена со црни мисли, Џени решила да отпатува во Обединетото Кралство за да ја дознае вистината. Но ништо не можело да ја подготви за предавството што таму ќе го открие, пишува „The Sun“.
Кога конечно се соочиле, Џон (57), нејзиниот партнер со кого била осум години, признал дека имал афера – и тоа со својата сосетка, 69-годишната Трејси – додека Џени, избезумена од грижа, стравувала за неговиот живот.

Нивната врска започнала онлајн, а Џени во еден момент се преселила од Америка во Лондон за да живее со Џон. Сепак, по жестока расправија, се вратила во САД. Иако продолжиле да одржуваат контакт, пандемијата и затворените граници им оневозможиле повторно да се сретнат.
Џени се присетува: „Три години секојдневно разговаравме преку Скајп и Ватсап. Но, одеднаш Џон престана да одговара. Се грижев дека не ме сака повеќе, а во најлошите моменти се плашев дека е мртов.“

Неколку месеци пред неговото исчезнување, Џени за првпат почувствувала непријатност кога забележала дека Џон сè повеќе време минува со сосетката Трејси. За време на еден од последните телефонски разговори, ја слушнала Трејси како шепоти во позадина: „Сега е со мене.“ Иако тоа ѝ било сомнително, Џени одлучила да ги игнорира сомнежите, верувајќи во нивната љубов.
Статистиките покажуваат дека дури 45% од аферите се случуваат со пријатели или познаници, но Џени не се сомневала во Џон. Нивната љубовна приказна започнала во 2014 година преку апликација за запознавање. Наскоро почнале да разговараат за сè – од семејство и вера до најинтимни желби – а хемијата меѓу нив растела секојдневно.

Џени го опишува Џон како духовит, шармантен и привлечен маж со темнокафеава коса и очи боја на лешник: „Особено ме привлече неговиот британски акцент – беше толку секси.“ Иако ги делеле илјадници километри, одлучиле да ѝ дадат шанса на љубовта. По шест месеци допишување, Џон допатувал во Тексас.
„Штом го запознав, бев воодушевена. Изгледаше уште подобро во живо. Цела ноќ не можевме да ги тргнеме рацете еден од друг,“ се сеќава Џени. Нивната врска била полна со страст и нежност. Џон останал еден месец во Тексас, совршено се вклопил во нејзиниот живот и семејство, а Џени знаела дека не сака да го загуби. По уште една посета, во 2017 година, храбро се преселила во Лондон за да живее со него.
На почетокот сè било идеално – дури стекнала нови пријатели, меѓу кои и Трејси. „Трејси беше забавна, духовита и дружељубива. Станавме блиски и често заедно одевме во авантури низ Лондон,“ раскажува Џени.

Но, две години подоцна, по низа ситни несогласувања, Џени и Џон се жестоко скарале, а таа решила да се врати во САД. Иако мислеле дека е крај, продолжиле да комуницираат и повторно ја разгореле врската онлајн. Сè функционирало, сè додека пандемијата не го променила светот.
Како што напредувала пандемијата, Џон сè повеќе се повлекувал во себе. Го изгубил работното место како илустратор, често пиел и сè поретко ѝ се јавувал на Џени. За време на еден новогодишен разговор во 2021 година, Џени повторно ја забележала Трејси во позадина, но не помислила на неверство.
Конечно, во април 2022 година, Џени решила да отпатува во Лондон и да се соочи со вистината. Наместо веднаш да оди кај Џон, отседнала во хотел и му пратила писмо. Неколку дена подоцна, Џон ја побарал и се договориле да се сретнат во парк. „Беше прекрасно,“ се присетува Џени, „Се прегрнавме и разговаравме со часови. Кога го соочив со моите стравови, призна дека имал афера со Трејси.“
Џени била скршена, но не чувствувала гнев – повеќе тага и потреба за одговори. „Џон минуваше низ тежок период, многу пиеше и се чувствуваше изгубено. Сè уште го сакав,“ вели таа. Денес, година ипол подоцна, Џени и Џон повторно се заедно и посилни од кога било. Планираат свадба веднаш штом ја завршат документацијата. „Знам дека никогаш повеќе нема да ме изневери,“ вели Џени, „Целосно му верувам.“
Џон признава: „Свесен сум колку сум среќен што ја имам Џени. Тоа беше тежок период, но таа е љубовта на мојот живот. Едвај чекам да стане моја сопруга.“