„Направив ДНК тест и занемев кога видов кој ми е татко: Ми стана јасно зошто мајка ми ја криела вистината 60 години и ја однела тајната в гроб“
Исповедта на жена која дознала дека нејзиниот вујко ѝ е всушност биолошки татко е полна со шокантни детали.
Во последниве години, ДНК тестирањето стана не само средство за истражување на семејното потекло и генетското здравје, туку и алатка што често ги менува животите – од корен. Во ера кога овие тестови се лесно достапни и комерцијализирани, илјадници луѓе ширум светот се решаваат да дознаат повеќе за себе, водени од љубопитност, потреба за припадност или потрага по одговори кои семејството никогаш не им ги дало.
Сепак, она што за многумина започнало како безопасен хоби, за некои станува причина за лични шокови, криза на идентитетот и сосема нови семејни односи. Резултатите од ДНК тестирањата често откриваат постоење на полубраќа и полусестри, биолошки родители за кои луѓето никогаш не знаеле, или потврдуваат сомнежи кои децении тлееле под површината.

Таков е случајот и со една жена, која на 60-годишна возраст споделила длабоко лична приказна на темата „Дали жалите што направивте ДНК тест? Зошто, или зошто не?“ на платформата Reddit.
Додека растела, таа постојано имала чувство дека не припаѓа – физички се разликувала од остатокот од семејството. „Има темна коса, пониска е и има обли телесна структура, додека нејзините три сестри се високи, слаби и русокоси“, пренесува Mirror. Сепак, никогаш подлабоко не се занимавала со тоа, едноставно прифаќајќи дека е „поинаква“.

Сè се променило кога, поттикната од љубопитност и сè поголем интерес за сопственото потекло, решила да направи ДНК тест. Резултатите ја оставиле без зборови.
„На 60 години дознав дека мојот биолошки татко всушност е човекот кого цел живот го познавав како мој вујко. Пораснав, а да не знам ништо за тоа – и не сум сигурна дали тој воопшто знаел. Моите родители се веќе починати. Најтажниот дел од приказната е што при раѓањето речиси сум умрела, а знам само дека мајка ми мислела дека Бог ја казнува затоа што имала афера“, напиша жената.

Таа додала и дека не чувствува огорченост поради вистината што ја открила:
„Никого не обвинувам. Не сум светица, па разбирам како се случуваат некои работи“, заклучила таа.
Нејзината приказна е само една од многуте слични сведоштва од луѓе ширум светот, кои – често дури во доцни години – доаѓаат до болни, но и ослободувачки сознанија благодарение на современата генетика. ДНК тестовите, иако технички едноставни, понекогаш отвораат сложени емоционални лавиринти – и вистини кои семејствата ги криеле со децении.