Не можете да заспиете по големите горештини? Совети за подобар сон на овие тропски температури – со овој трик ќе заспиете за 5 минути
Сите овие мали, но ефикасни навики можат да ви помогнат ноќите да ги поминете во сон, а не во броење минути до разденување.
Летните ноќи сè почесто личат на престој во сауна, а спиењето станува вистинска борба – се превртуваме, ја ладиме перницата, се покриваме и откриваме, барајќи барем малку олеснување. Со првиот тропски бран што веќе на почетокот од јуни ја зафати Македонија, и температури над 35 степени, сонот станува вистински луксуз.
За оние кои немаат клима-уред, спас се креативни домашни трикови кои брзо се шират на социјалните мрежи и наоѓаат пат до сè повеќе домаќинства.
Паметна вентилација
Основно правило: отворете ги прозорците и вратите во текот на ноќта за да се разлади просторијата, но преку денот држете ги затворени и замрачени – со ролетни, завеси или било што што ги блокира сончевите зраци. Така ќе спречите топлината да се акумулира во најтоплиот дел од денот.

Растенијата како природни разладувачи
Собните растенија како свекрвиниот јазик или папратите не се тука само за да го разубават просторот. Тие помагаат да се освежи воздухот и да се разлади просторијата, особено во комбинација со затемнета соба.
Домашен „клима-уред“
Еден од популарните трикови е комбинацијата на вентилатор и сад со мраз. Како што се топи мразот, се ослободува ладен воздух кој вентилаторот го распоредува низ просторијата. Евтино, едноставно и ефективно.

Ладење на телото пред спиење
Брзо освежување може да донесе ладна бања за нозете, влажна крпа на челото или лесен туш. Препорачливо е да се носи лесна, памучна облека која „дише“ и не ја задржува топлината.
Влажноста како сојузник
Во сувите денови, воздухот во просторијата може да стане уште понепријатен. Влажни пешкири закачени во просторијата или користење навлажнувач можат да помогнат просторот да биде попријатен за спиење.
