Патнички советник открива: Оваа облека никако не смеете да ја носите во авион, може да биде опасна
Патничкиот советник Мари, која води туристичка агенција во САД, предупредува на опасностите од носење синтетички материјали при патување со авион.
Во популарно TikTok видео со речиси 472.000 прегледи, Мари објаснува дека синтетичките влакна можат да се стопат и да се залепат за кожата во случај на несреќа или пожар, предизвикувајќи тешки изгореници. Таа нагласува дека синтетичките материјали согоруваат побрзо и предизвикуваат потешки повреди во споредба со природните влакна, кои потешко се палат.
Мари истакнува дека избегнувањето синтетички материјали може да биде клучно за безбедноста во екстремни ситуации, иако признава дека тоа не значи дека природните материјали не можат да предизвикаат изгореници.

Во коментари под видеото, корисниците изразија загриженост, а една стјуардеса предупреди на опасноста од синтетички чорапи, кои можат да се стопат за време на итна евакуација низ лизгачкиот тобоган.
Иако несреќите со авиони се многу ретки, Мари тврди дека е важно да се размислува за облеката во случај на вакви ситуации. Таа споделила искуство од пријател на нејзината мајка, кој работи во авио-индустријата, и кој ѝ ја пренел оваа информација, што целосно ја променило нејзината гардероба.
Синтетичките материјали се опасни при високи температури
Британската компанија Fabric UK исто така предупредува на опасноста од синтетичките влакна, истакнувајќи дека многу од нив се термопластични и можат да се обликуваат или стопат при високи температури.
Овие материјали можат да предизвикаат сериозни изгореници, што ги прави неподобни за заштита во екстремни услови.

Која облека е најбезбедна за летање?
За зголемена безбедност, се препорачуваат природни материјали, како што е волна, која потешко се пали, а ако изгори, пламенот брзо се гаси.
Иако авионските несреќи се многу ретки, облеката што не содржи синтетички влакна може да биде клучна во критични моменти. Затоа, секогаш проверувајте го составот на материјалите на етикетите пред да одберете што ќе носите на лет.