Родила близначки, па паднала во кома: Кога се разбудила ѝ рекле дека умреле – вистината излезе на виделина 19 години подоцна
Приказната за грузиските близначки предизвика огромно внимание ширум светот и сè уште ги отвора прашањата за нивната неверојатна судбина.
Оваа емотивна и шокантна приказна за близначките Ано и Тако, кои биле разделени при раѓање и продадени на црниот пазар, пред четири години ја обиколи планетата. Денес, тие се жив доказ дека судбината понекогаш е неизбежна, дури и по 19 години.
Родени се на 20 јуни 2002 година во Грузија. Подоцна се откри дека и двете биле жртви на незаконско посвојување – проблем кој со децении ја мачел оваа земја со помалку од четири милиони жители. Нивниот татко, Гоча Гакарија, кој не верувал дека девојчињата се негови, всушност ги продал на црниот пазар. Близначките завршиле во две различни семејства – Ано во главниот град Тбилиси, а Тако во малото крајбрежно гратче Зугдиди, близу Црното Море.
Иако растеле одвоено, обете имале страст кон танцувањето. Кога Ано имала 11 години и настапувала на едно танцово натпреварување, некој од присутните ја забележал нејзината сличност со друга девојка. Но, вистинскиот момент на спојување се случил неколку години подоцна, кога пријателка на Ано ѝ испратила TikTok видео од девојка која изгледа речиси идентично – со исклучок на тоа што имала руса коса.
„Сонував девојче во црн фустан“
„Секогаш чувствував дека нешто или некој ми недостасува во животот. Сонував девојче во црн фустан кое ме следеше и ме прашуваше како ми поминал денот“, изјави Ано.
Таа побарала помош од грузиската група „Ведзеб“ (во превод „Барам“), која има над 230.000 членови. Таму многумина ги споделуваат своите приказни за тоа како биле одвоени од биолошките родители при раѓање под неразјаснети околности. ДНК анализата потврдила дека близначките се биолошки деца на човекот кој не верувал дека е нивниот татко. „Сега сака да воспостави контакт со нас, но тоа никогаш нема да се случи“, категорична е Ано.
На крајот, откриле и дека нивната мајка се преселила во Германија, каде што имаат и брат и сестра, пренесува Daily Mail.