Албанката Мира има 36 години и прави „хаос“ во светот на бизнисот: Сите зборуваат за нејзината таинствена компанија
Мира Мурати, поранешна техничка директорка (CTO) на OpenAI и кратковремена извршна директорка по отпуштањето на Сем Алтман во 2023 година, повторно е во фокусот на јавноста.
Оваа 36-годишна иноваторка сега раководи со сопствен стартап од областа на вештачката интелигенција – Thinking Machines Lab, кој има амбициозни планови да собере рекордни 2 милијарди долари почетен капитал.
Компанијата е основана кон крајот на 2024 година, а иако деталите за нејзините производи се сè уште непознати, Мурати неодамна откри дека развиваат AI модели фокусирани на соработка меѓу луѓето и машините. Според Business Insider, оваа првична инвестициона рунда би можела да биде најголема во историјата, а вредноста на стартапот се проценува на над 10 милијарди долари.
Од Валона до врвот на светската технолошка сцена
Ермира „Мира“ Мурати е родена во албанскиот град Валона. Со 16 години добива стипендија за Pearson College во Канада, а потоа продолжува со студии во САД, каде што завршува две високообразовни институции – Colby College (уметност) и Dartmouth College (инженерство). Во почетокот од својата кариера работела во Токио и Франција, а потоа како менаџерка за производи во Tesla, каде учествувала во развојот на Model X.
Од 2016 до 2018 година работи во LeapMotion (денешен Ultraleap) на развој на технологија за проширена реалност.

Клучна фигура во ChatGPT и драматичнo заминување од OpenAI
Во 2018 година Мурати се приклучува на OpenAI како потпретседателка за примена на вештачка интелигенција, а во 2022 станува техничка директорка. Таа играше клучна улога во развојот на ChatGPT, DALL-E и други напредни AI модели. По ненадејното отпуштање на Алтман кон крајот на 2023, таа кратко време ја извршуваше функцијата директорка, но Алтман се враќа на позицијата по само една недела.
Во периодот по тоа, Мурати сè повеќе се појавува во јавноста како лице на OpenAI – ја презентираше верзијата ChatGPT-4o и се појави на Met Gala во 2024 година, каде што компанијата претстави персонализиран четбот.
Таа е позната по својот внимателен пристап кон развојот на вештачката интелигенција и силното залагање за регулација. „Не треба да се потпираме на саморегулација од компаниите. Регулаторите мора да бидат вклучени“, изјави таа за списанието Time.

Thinking Machines Lab – мистериозниот стартап што ги собира најдобрите AI умови
По напуштањето на OpenAI во септември 2024 година, Мурати го основа Thinking Machines Lab, кој излегува од „stealth“ режим во февруари 2025. Во тимот се вклучени голем број поранешни инженери од OpenAI, Meta и Anthropic, меѓу кои и креаторите на ChatGPT, Џон Шулман и Барет Зоф.

Визија и инспирација на Мира Мурати
За приватниот живот на Мира се знае многу малку. На Канскиот филмски фестивал во 2024 година, откри интересна анегдота – нејзината мајка прво ја прашала ChatGPT кога ќе се омажи. Инспирацијата ја црпи од филмот 2001: Одисеја во вселената и збирката поезија Дуински елегии од Рајнер Марија Рилке, а меѓу омилените песни ја наведува Paranoid Android од Radiohead.
За Мурати, развојот на општа вештачка интелигенција (AGI) – AI што може самостојно да се адаптира, учи и решава широк спектар задачи – претставува „последната и најважна технологија што човештвото ќе ја создаде“. Како што вели, токму таа визија ја водела од Tesla, преку LeapMotion, до OpenAI и сега – нејзиниот сопствен AI стартап.