ПопуларноХрана и Здравје

Бракот тројно го зголемува ризикот од дебелина кај мажите, но тоа не е единствената причина

Студијата исто така заклучи дека ризикот од дебелина се зголемува со возраста.

Истражувањето кое ќе биде претставено на Европскиот конгрес за дебелина во Шпанија во мај, било спроведено на 1.200 парови во Полска и покажало дека ризикот од прекумерна тежина во бракот е зголемен за двата пола, но ситуацијата е особено акутна кај мажите.

Истражувачите заклучиле дека кога се во брак, ризикот од прекумерна тежина тогаш се зголемува за 62 отсто кај мажите и 39 отсто кај жените, во споредба со оние кои не се во брак.

Оженетите мажи имале 3,2 пати поголема веројатност да бидат дебели од невенчаните мажи, а таква разлика не била забележана меѓу мажените и слободните жени.

Ова потенцијално се објаснува со културните разлики во ставовите кон дебелината меѓу двата пола, се вели во истражувањето.

Студијата заклучи дека ризикот од дебелина се зголемува со возраста. Секоја година, ризикот од прекумерна тежина се зголемува за три проценти кај мажите и четири проценти кај жените.

Ризикот од дебелина, пак, се зголемува за четири отсто кај мажите и шест отсто кај жените, пишува “dpa”.

Дебелината се дефинира со индекс на телесна маса од генерално 30, а прекумерната тежина со индекс од 25 до 29,99.

Истражувањето го водела д-р Алисја Цича-Миколајчик од Националниот институт за кардиологија во Варшава.

„Возраста и брачниот статус имаат непобитно влијание врз прекумерната тежина или дебелината во зрелоста, без разлика на полот“, се заклучува во студијата.