ПопуларноТехнологија

(ВИДЕО) Морничав хуманоиден робот го шокираше светот – има мускули, коски и се движи како човек

Додека компанијата го славеше своето технолошко достигнување, корисниците не беа воодушевени. Според веб-страницата на Clone Robotics, андроидот „поседува“ мускулен, коскен, нервен и васкуларен систем.

Морничаво реалистичен хуманоиден робот, кој се смета за „првиот светски двоножен, мускулно-скелетен андроид“, се раздвижи во живот во вирално видео што гледачите го нарекоа дистописко и застрашувачко, пишува NY Post.

Него го создаде компанијата Clone Robotics, а безличниот „Protoclone“ е дизајниран да изгледа што е можно пореалистично – со мускули, тетиви, зглобови и сè останато. Во видеото објавено на платформата X, кое собра повеќе од 32 милиони прегледи, Protoclone виси во воздух додека неговите екстремитети се грчат и се движат, рацете му се свиткуваат во лактите, а нозете во колената.

Додека компанијата го претстави ова како огромен технолошки успех, корисниците реагираа со загриженост.

– Додека секој нормален човек ги гледа дистописките научно-фантастични филмови како предупредување, технолошките фанатици ги гледаат како прирачници за изработка – саркастично коментираше еден корисник.

„Морничаво. Зошто човештвото е опседнато со сопственото уништување?“ праша друг. „Искрено, ми е лошо по гледањето на ова видео,“ додаде трет.

Компанијата тврди дека Protoclone може да оди, да зборува, да извршува домашни работи и многу повеќе – исто како човек. Роботот, кој ќе биде достапен за преднарачки оваа година, може да го памети распоредот на вашиот дом и инвентарот во кујната, да мие садови и алишта, да подготвува сендвичи и да точи пијалоци, да поставува маса, да носи предмети, да чисти и дури да води разговори.

Според Clone Robotics, Protoclone „поседува“ мускулен, коскен, нервен и васкуларен систем. Овој андроид, кој може да чекори на природен начин, има и „платформа за телекинеза“, што му овозможува да учи нови вештини.

Издржливиот робот има 206 коски, исто како човекот, направени од „евтини и издржливи полимери“, а неговите зглобови се поврзани со лигаменти и сврзни ткива кои го имитираат човечкото тело. Вештачките мускули се создадени од специјални влакна налик на миофибрили, додека неговиот нервен систем вклучува мрежа од сензори и четири длабински камери за вид и повратни информации.

Неговиот васкуларен систем функционира слично на човечкиот, но наместо крв, низ телото циркулира вода преку „хидрауличен погонски систем“. Надворешноста му е „мека како плишана играчка“, а неговите креатори тврдат дека благодарение на својот биоморфен дизајн изгледа како нешто од научната фантастика.

Оваа технолошка иновација му конкурира на Optimus, роботот на Tesla, за кој извршниот директор Илон Маск тврди дека ќе може да извршува секојдневни задачи и домашни работи, од пазарење до средување на двор, но и да служи како дадилка, шетач на кучиња или бармен.

И други компании експериментираат со хуманоидни роботи. Boston Dynamics минатата година го претстави својот робот-асистент, додека Meta наводно работи на свој модел.

– Иднината во која ќе имате хуманоидни роботи дома кои ќе ви го сортираат алиштата е многу поблиску отколку што мислите, а цената ќе биде многу пониска од очекуваното. Ќе можеме да ги произведуваме по цена слична на релативно пристапен автомобил – изјави Бернт Борних, извршниот директор на компанијата 1X, која неодамна го претстави својот роботски асистент NEO Beta.