ВестиПопуларно

Доаѓа ли крајот на електронските цигари? Оваа земја од ЕУ ги забранува: „Опасен хемиски отпад“

Евтините електронски цигари станаа здравствена закана бидејќи компаниите што ги произведуваат лесно ги привлекуваат тинејџерите да ги купат и да развијат зависност, рече белгискиот министер за здравство.

Белгија ќе ја забрани продажбата на електронски цигари за еднократна употреба од 1 јануари поради здравствени и еколошки причини, потврди белгискиот министер за здравство Франк Ванденброук.

Тој посочи дека ова е „пионерски потег на земја членка на Европската унија“.

Ванденброук посочи дека евтините електронски цигари станаа закана за здравјето бидејќи компаниите што ги произведуваат лесно ги привлекуваат тинејџерите да ги купат и развиваат зависност од никотин, пренесува Танјуг, повикувајќи се на АП.

„Опасен хемиски отпад“

„Електронските цигари за еднократна употреба се нов производ кој едноставно е дизајниран да привлече нови потрошувачи. Електронските цигари содржат никотин кој предизвикува зависност, а никотинот е штетен за вашето здравје. Ова се фактите“, нагласи Ванденброук.

Според него, електронските цигари за еднократна употреба се направени од пластика, имаат батерии и електрични приклучоци и се товар за животната средина бидејќи претставуваат опасен хемиски отпад, пренесува Ал Џезира.