Еден детаљ од биографијата на Бил Гејтс го „запали“ светот: „Тоа е неговиот валкан трик“
Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, ги објавува своите први мемоари, Source Code: My Beginnings. Тој помина децении и инвестираше милијарди во обликување на својот имиџ – но некои сè уште го критикуваат неговиот пристап. Зошто еден детаљ, од инаку здодевната биографија за Бил Гејтс, го окупираше вниманието на светските насловници? Мислењата за книгата се поделени – од една страна ја опишуваат како инспиративна, а од друга како маркетиншка и брендирана кампања.
Приказната за создавањето на Мајкрософт и неговиот основач Бил Гејтс е раскажана безброј пати во медиумите, откако овој технолошки магнат од САД првпат се појави во јавноста во 1980-тите.
Роден во 1955 година во богато семејство – неговиот татко бил корпоративен адвокат и ветеран од Втората светска војна, додека мајка му била успешна активистка и член на управни одбори на банки и големи корпорации. Бил Гејтс ја програмирал својата прва видео-игра на 13 години. Пратен во ексклузивно приватно училиште во Сиетл, тој се спријателил со идниот коосновач на Мајкрософт, Пол Ален. Подоцна се запишал на Харвард, но се откажал од студиите за во 1975 година, заедно со Ален, да ја основа компанијата „Micro-Soft“.
Бил Гејтс сега повторно ја раскажува приказната за своите почетоци во мемоарите Source Code: My Beginnings, кои штотуку беа објавени во САД. Гејтс во книгата, меѓу другото, зборува за тоа како се чувствувал како аутсајдер додека бил дете, како се судирал со родителите како бунтовен тинејџер, како и за предизвиците од напуштањето на училиштето за да се обложи на индустрија која тогаш сè уште не постоела.
Планирани се уште две книги, кои ќе се занимаваат со неговите години како лидер на Мајкрософт и неговата подоцнежна работа во хуманитарниот сектор како претседател на Фондацијата Гејтс.

Уште еден маркетиншки трик?
Издавачот на мемоарите ја опишува книгата како „топла и инспиративна“, но американскиот истражувачки новинар Тим Шваб ја отфрла како уште една „маркетиншка и брендирана кампања“ на богатите и моќните.
Шваб е автор на критичката книга за основачот на Мајкрософт, The Bill Gates Problem: Reckoning with the Myth of the Good Billionaire (2023). „Додека другите милијардери се отворено себични, Бил Гејтс отсекогаш се обидувал да се претстави себеси како несебичен хуманитарец и таканаречен ’добар милијардер‘“, изјави Шваб за Deutsche Welle. „Многу малку работи во книгата се нови или револуционерни“, тврди тој.
Сепак, еден детаљ привлече медиумско внимание. Гејтс во своите мемоари наведува дека, доколку пораснал во денешно време, веројатно би му бил дијагностициран аутизам, односно нарушување од аутистичкиот спектар.
„Често разговарам со светските лидери“
Благодарение на Мајкрософт, Гејтс во 1995 година стана најбогатиот човек на светот и остана на врвот на листата на Forbes до 2008 година, кога се повлече од компанијата за да се посвети на хуманитарна работа.
Оттогаш, на Forbes листата го претекнаа други технолошки милијардери, како Илон Маск и Марк Закерберг. Сепак, богатството на Гејтс продолжи да расте и од 2008 година неговата нето вредност се зголеми на околу 107 милијарди долари (102,5 милијарди евра), што во моментов го прави 13-тиот најбогат човек во светот.
Во исто време, Гејтс има далеку подобар јавен имиџ од своите колеги – технолошки тајкуни. Оваа комбинација на богатство, врски и позитивна репутација му овозможила невиден пристап до носителите на одлуки ширум светот. Минатата година се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, а неодамна имал и тричасовна вечера со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Според неговите зборови, со Трамп разговарале за можни лекови за ХИВ и детска парализа. „Мислам дека двајцата бевме прилично возбудени за тоа“, изјави Гејтс за Wall Street Journal.
„Бидејќи нашата фондација интензивно се занимава со глобални здравствени прашања, често разговарам со светските лидери. Последните месеци разговарав и со [францускиот претседател] Макрон и [претседателката на Европската комисија] Урсула фон дер Лајен“, додаде тој.

Револуција во земјоделството на африканскиот континент?
Фондацијата Гејтс ги користи овие контакти, пишува Deutsche Welle, за да насочи огромни средства во борбата против болести и глад во различни делови од светот. Сепак, Шваб во својата книга тврди дека резултатите често се далеку под очекуваните цели.
Еден особено контроверзен пример е работата на Фондацијата во Африка, каде што организацијата наводно инвестирала речиси милијарда долари во програмата AGRA (Alliance for a Green Revolution in Africa), која беше лансирана во 2006 година со цел да ги удвои земјоделските приноси и да го преполови гладот и сиромаштијата во 13 африкански земји до 2020 година.
Оваа цел не беше постигната. Според истражување објавено во јуни 2020 година, бројот на гладни луѓе во тие земји всушност се зголемил за 30%.
Отворање пат за Маск
Шваб предупредува дека Гејтс останува „приватен инвеститор кој е длабоко заинтересиран за зголемување на своето богатство“.
„Со години, Гејтс ја нормализираше и легитимираше улогата на екстремното богатство во демократијата, особено во американската политика. Илон Маск можеби претставува ново поглавје во тој олигархиски модел, но и двајцата се дел од истата приказна“, вели Шваб и додава: „Мислам дека луѓето како Илон Маск денес профитираат од Бил Гејтс.“