Кинески геолози открија неограничен извор на енергија што би можел да ја напојува Земјата повеќе од 60.000 години
Кина откри „неограничен“ извор на енергија во форма на доволни количини на ториум за следните 60.000 години
Според најновата студија, рударскиот комплекс „Баијан Обо“ во Внатрешна Монголија содржи огромни резерви на ториум, доволни за да ги задоволат енергетските потреби на Кина на долг рок.
Овој слабо радиоактивен елемент може да се користи за производство на електрична енергија во специјални нуклеарни реактори со стопена сол.
Според проценките на научниците, рудникот содржи до еден милион тони ториум, пренесува South China Morning Post.
Во студијата се наведува дека ториумот во моментов се наоѓа во рударскиот отпад и е целосно неискористен, но неговата правилна екстракција би можела значително да придонесе кон намалување на глобалната зависност од фосилни горива, пренесува MSN.

Што е ториум и како се користи?
Ториум (Th) е слабо радиоактивен метал од групата актиноиди, со атомски број 90. Откриен е во 19-тиот век и го добил името по нордискиот бог на громот, Тор. Природно се наоѓа во Земјината кора, често во комбинација со ретки земни елементи.
Ториумот е алтернативно нуклеарно гориво, кое има повеќе предности во однос на ураниумот:
- Поголема достапност – Ториумот е околу три пати почест во Земјината кора отколку ураниумот.
- Помалку радиоактивен отпад – Ториумските реактори произведуваат значително помалку долготраен нуклеарен отпад во споредба со класичните реактори на ураниум.
- Поголема безбедност – Овие реактори се отпорни на нуклеарни несреќи, бидејќи процесот на согорување на ториумот не може да предизвика неконтролирана ланчана реакција.
- Помала опасност од нуклеарно оружје – За разлика од ураниумот и плутониумот, ториумот тешко може да се искористи за производство на нуклеарно оружје.
Како се користи ториумот во енергетиката?
Ториумот не може директно да се користи како гориво во нуклеарните реактори. Наместо тоа, во реактори со стопена сол или течни флуоридни ториумски реактори (LFTR), ториумот прво се претвора во ураниум-233, кој потоа служи како гориво за производство на енергија.
Овие реактори користат стопени соли наместо вода како средство за ладење, што ги прави значително постабилни и поефикасни во споредба со класичните нуклеарни електрани.