Кога е кашлање а кога алергија? Педијатар објаснува како да се направи разлика
Дури половина од децата страдаат од некој вид на алергија.
Кај оние чија реакција на организмот е предизвикана од тековниот полен од дрвја и треви, кој често се манифестира со кивање и упорно кашлање, родителите може да бидат во дилема дали детето настинало или е алергично.
Д-р Невенка Ракетиќ, педијатар, вели дека постојат неколку критериуми кои помагаат да се разликува респираторната инфекција од алергија:
“Кај инфекциите симптомите како кивање, течење на носот и кашлица траат од седум до 10 дена, додека кај алергиите симптомите може да траат и неколку месеци. Инфекцијата е често придружена со покачена телесна температура и промени во комплетната крвна слика и CRP, за разлика од алергијата каде што никогаш не се јавува покачена температура и сите параметри на воспалението се во нормални вредности. Многу е важно што е можно поскоро да се утврди дали детето има алергија, за да се спроведе адекватен третман и превенција од симптомите на алергија”.
Нашиот соговорник објаснува дека кај децата кои имаат предиспозиција за развој на алергиски реакции, симптомите како кивање, зголемено лачење и чешање на носот, насолзени очи и кашлица може да се појават уште од втората година од животот.

“Доколку симптомите се јават во периодот од март до октомври, укажуваат на алергија на полен, која се јавува поради цветањето на тревите, дрвјата и плевелите и испуштањето полен” вели д-р Ракетиќ.
“Доколку горенаведените симптоми се појават во текот на целата година, веројатно детето е алергично на други супстанци, како домашна прашина, грини, животински влакна и сл.”
Дополнително, како што истакнува д-р Ракетиќ, децата може да имаат атопичен дерматитис (егзема) во вид на црвенило и лупење на кожата, алергии на храна, најчесто на кикирики, јајца и млеко, каснувања од инсекти или на разни надразнувачи како чад од тутун или парфеми.
Повеќето деца прво развиваат атопичен дерматитис, потоа развиваат алергија на храна, алергиски ринитис и астма, што се нарекува „атопичен (алергиски) марш“, но детето може да има само една од овие алергиски болести.

Експертите претпоставуваат дека променетиот начин на живот во однос на генерациите на родителите е главната причина зошто алергиите толку масовно ги погодуваат најмладите. Ова се однесува пред се на променетите навики во исхраната, каде се користи преработена храна богата со пестициди и адитиви, висока загаденост на воздухот, помала физичка активност и употреба на антибиотици во рана возраст, што го менува цревниот микробиом.
Исто така, важна е и генетската предиспозиција, доколку еден од родителите имал или има некаков вид на алергија, шансите детето да има алергија се 50 отсто, а доколку двајцата родители имаат алергии, шансите за алергиски реакции кај детето се 75 отсто.