ВестиПопуларно

Криминолози испитале 20.000 ученици исклучени од училиште: Резултатите ги шокираа

Тинејџерите кои се трајно исклучени од училиште имаат двојно поголеми шанси да извршат сериозно насилство во рок од една година по исклучувањето, во споредба со оние кои биле само суспендирани.

Ова го покажува нова, обемна анализа на полициските и образовните евиденции, спроведена од истражувачи од Универзитетите во Хал и Бристол.

Според владините податоци објавени во ноември минатата година, во текот на есенскиот семестар на учебната 2023-2024 година биле регистрирани 4.200 трајни исклучувања од училиште – што претставува зголемување од повеќе од една третина во споредба со истиот период од претходната година, пренесе Гардијан.

Истражување со шокантни резултати

Студијата, објавена во Британскиот журнал за криминологија (British Journal of Criminology), ги следела повеќе од 20.000 млади кои биле исклучени од средно училиште, користејќи и полициски податоци.

Податоците биле споредени со друга група од 20.000 деца кои имале исто образовно искуство, етничка припадност и социјално потекло, и биле суспендирани ист број пати, но никогаш не биле трајно исклучени.

Истражувачите откриле дека, во рок од една година, исклучените ученици имале повеќе од двојно поголеми шанси да извршат сериозен насилен криминал во споредба со нивните врсници кои биле на истата патека, но избегнале исклучување.

Во групата на исклучени ученици биле регистрирани 990 тешки насилни кривични дела и 20 убиства или обиди за убиства во рок од 12 месеци по исклучувањето.

За споредба, во групата ученици кои не биле исклучени, биле регистрирани 500 тешки насилни кривични дела и помалку од 10 убиства.

Јасна врска меѓу исклучувањето од училиште и насилството

По објавувањето на овие податоци, Лондонската единица за намалување на насилството – која е основана со цел да се спречи порастот на убиства меѓу тинејџерите предизвикани од напади со нож – соопшти дека ова истражување претставува првиот директен доказ за „јасна врска меѓу исклучувањето на децата од училиште и нивната вмешаност во насилство“.