ПопуларноТехнологија

Научниците создадоа волнени глувци – чекор поблиску до оживување на мамутите

Планот за оживување на мамутите се движи во добра насока, велат научниците откако создадоа нов вид – волнен глушец.

Научниците од американската биотехнолошка компанија „Colossal Biosciences“ планираат да ги „вратат од изумирање“ праисториските слонови така што генетски ќе ги модифицираат азиските слонови и ќе им додадат карактеристики на волнените мамути. Се надеваат дека првото младенче ќе биде родено до крајот на 2028 година.

Бен Лам, коосновач и извршен директор на „Colossal“, изјави дека тимот проучувал древни геноми на мамути и ги споредувал со геномите на азиските слонови за да ги утврди разликите, а веќе започнале со генетски модификации на слоновските клетки.

Тимот научници доби дополнителна потврда за својот пристап откако успеа да создаде здрави, генетски модифицирани глувци со особини што се неопходни за преживување на студ – вклучително и густа, волнена козина.

„Ова не го забрзува процесот, но претставува огромна потврда“, изјави Лам.

Генетски промени кои доведоа до создавање волнени глувци

Во истражувањето, кое сè уште не е рецензирано од колеги-научници, тимот користел различни техники за уредување на геномот за да ги генетски модифицира оплодените јајце-клетки на глувците или да ги смени ембрионалните матични клетки на глушецот, кои потоа биле вбризгани во ембриони пред да бидат имплантирани во сурогат-мајки.

Тимот се фокусирал на измена на девет гени што ја контролираат бојата, текстурата, должината и фоликулите на влакната. Повеќето од овие гени биле одбрани затоа што веќе биле проучени кај глувци, а очекувањата биле дека промените ќе доведат до физички особини слични на оние кај мамутите, како што е златно-кафеавата волнена козина.

Два од овие гени се пронајдени и кај мамутите и се смета дека придонесуваат за развој на дебела волнена обвивка. Промените што ги направиле научниците имале за цел да го направат глувчето поприлагодено на студените услови, слично на мамутите.

Дополнително, тимот го модифицирал и генот што го контролира начинот на кој се метаболизираат мастите кај глувците, правејќи го посличен на оној кај мамутите – бидејќи научниците веруваат дека тој ген одиграл улога во адаптацијата на мамутите на студ.

Тимот користел техника што дозволувала осум промени во седум различни гени истовремено, испитувајќи различни комбинации на овие гени.

Козината е тука, но што е со другите механизми за заштита од студ?

Иако многу експерименти не довеле до раѓање на младенчиња, глувците што биле родени имале различни комбинации на карактеристични типови влакна, вклучувајќи волнена козина, подолги влакна и златно-кафеава боја. Сепак, сите имале слична телесна маса, без разлика дали нивниот ген за метаболизам на масти бил изменет или не.

„Ефикасноста на уредувањето на гените варираше“, изјави Бет Шапиро, директорка на научниот оддел на „Colossal“.

Лам нагласи дека неговиот тим се надева дека во наредните месеци ќе може да ги тестира глувците за толеранција на студ.

Робин Лавел-Беџ, шеф на одделот за биологија на матични клетки и развојна генетика во институтот „Франсис Крик“ во Лондон, кој не бил вклучен во истражувањето, го пофали техничкиот аспект на студијата.

Сепак, тој истакна дека научниците сè уште не ги разбираат механизмите преку кои овие гени влијаат на развојот на различни видови козина и дека оживувањето на мамутите е далеку покомплицирано отколку едноставното уредување на неколку гени за толеранција на студ.

Колку сме блиску до „волнени мајмуни“?

Лавел-Беџ нагласува дека не само што не е јасно дали генетските модификации ќе бидат доволни за животните да изгледаат како мамути, туку е неизвесно и дали ќе се однесуваат како нив.

„Грижа ми е дали ова е разумна употреба на ресурси или непотребно трошење на средства за обиди да се спречи исчезнувањето на видови“, вели тој, додавајќи дека досега нема резултати кои покажуваат дали модифицираните глувци навистина подобро поднесуваат студ.

„Сепак, добивме неколку симпатични, влакнести глувчиња. Но, не ја разбираме нивната физиологија, однесување и други клучни фактори. Ова истражување не нè приближи до сознанието дали би можеле да создадеме слон со особини корисни како кај мамутите“, објаснува Лавел-Беџ.

Други научници посочуваат дека во експериментите не биле користени вистински гени од мамути за да бидат вметнати во глувците. Наместо тоа, научниците работеле со промена на гените на глувците за да ги добијат познатите ефекти врз нивната козина.

Д-р Тори Хериџ од Универзитетот во Шефилд изјави:

„Процесот на создавање слон што личи на мамут е далеку поголем предизвик. Вистинскиот број гени што ќе треба да се изменат е многу поголем, а станува збор за гени што сè уште не се целосно истражени. Покрај тоа, сурогат-мајката ќе биде животно на кое обично не се прават експерименти“.

Додека некои сметаат дека оживувањето на мамутите е сè поблиску, други остануваат скептични.

„Изгледа дека враќањето на мамутите сè уште не е на повидок“, заклучи д-р Хериџ.