ВестиПопуларно

Откриено нешто застрашувачко во океанот околу Антарктикот: Суперкомпјутер предупреди – последиците може да бидат катаклизмични

Топењето на поларниот леден покривач ја забавува струјата на западните ветрови (Антарктичка циркумполарна струја), најсилната океанска струја во светот, покажува ново истражување.

Овој процес има огромни импликации врз глобалната клима, вклучувајќи пораст на нивото на морето, загревање на океаните и нарушување на морскиот екосистем, соопшти Универзитетот во Мелбурн.

Глобална закана: Забавување на океанските струи

Истражувачи од Универзитетот во Мелбурн и норвешкиот истражувачки центар NORCE покажаа дека доколку не се намалат емисиите на јаглерод, Антарктичката струја ќе се забави за 20% до 2050 година.

Влегувањето на свежа вода во Јужниот океан ги менува неговите физички својства, како што се густината и салинитетот, но влијае и на самиот тек на струите.

Овој океан е екстремно сложен и деликатно избалансиран. Ако овој „мотор“ се расипе, последиците би можеле да бидат сериозни. Тоа би вклучувало повеќе екстремни временски настани, како и забрзување на глобалното затоплување, бидејќи океаните ќе изгубат дел од својата способност да апсорбираат јаглероден диоксид“, изјави професорот Бишакдата Гајен од Универзитетот во Мелбурн.

Закана за екосистемот на Антарктикот

Струјата на западните ветрови служи и како природна бариера за инвазивни видови, како што се алгите од видот Durvillaea или мали морски животни (ракови, мекотели) кои потекнуваат од други континенти.

Со забавувањето на струјата, голема е веројатноста овие видови да стигнат до Антарктикот, што може да го наруши кревкиот екосистем и да го загрози синџирот на исхрана на животни како што се пингвините.

Антарктичката струја е клучен дел од термохалинската циркулација, а нејзината сила е четири пати поголема од Голфската струја. Таа го движи океанот низ планетата и ги поврзува Атлантскиот, Пацифичкиот и Индискиот океан.

Суперкомпјутер открива нови закани

Истражувачите користеле најбрз австралиски суперкомпјутер и климатски симулатор GADI, сместен во Канбера.

Нивните анализи покажуваат дека топењето на мразот и загревањето на океаните имаат многу покомплексно влијание врз Антарктичката струја отколку што се мислеше досега.

Струјата на западните ветрови има клучна улога во регулирањето на климата, бидејќи контролира колку топлина стигнува до Антарктикот и неговиот леден покривач. Ако струјата се забави, повеќе топлина од север ќе навлезе на југ, што ќе го забрза топењето на ледот. Во овој опасен циклус, топењето на мразот дополнително ќе ја ослабне заштитата што ја дава струјата“, предупредува д-р Тајмур Сохаил, постдокторант на Универзитетот во Мелбурн и коавтор на студијата, за Daily Mail.

Последици за милиони луѓе

Антарктичкиот леден покривач содржи 90% од слатката вода на Земјата и има потенцијал значително да го зголеми нивото на морињата.

Иако истражувањето објавено во Environmental Research Letters не предвидува целосно исчезнување на ледениот покривач, дури и мало забрзување на топењето може да биде катастрофално за 230 милиони луѓе кои живеат во крајбрежните области, пишува Daily Mail.