Принц Хари во емотивна изјава: „Сакам помирување со семејството, не знам колку уште ќе живее татко ми“
Војводата од Сасекс, принц Хари, во емотивно интервју за BBC изјави дека „би сакал помирување“ со кралското семејство, признавајќи дека е „скршен“ поради загубениот судски процес за неговата безбедност во Велика Британија.
Принцот рече дека кралот „не сака да разговара со мене за овие безбедносни прашања“, но дека повеќе не сака да се бори и дека „не знае колку време му останува на татко му“.
Интервјуто беше дадено во Калифорнија, по судската пресуда со која му беше одбиено правото на официјална безбедност за него и неговото семејство при посетите на Велика Британија.
Бакингемската палата изјави дека „судовите детално ги разгледале сите прашања и секогаш донесувале иста одлука“.
По пресудата во петокот, принцот изјави: „Не можам да замислам свет во кој во моментов би ја вратил мојата сопруга и децата во Велика Британија“.
Тој додаде дека имало „многу несогласувања“ меѓу него и некои членови од семејството, но дека сега „им простил“.
„Би сакал помирување со моето семејство. Нема смисла повеќе да се бориме, животот е скапоцен“, изјави Хари, потенцирајќи дека безбедносниот спор „секогаш бил камен на сопнување“.

Принцот се обиде да ја поништи одлуката од 2020 година, со која му беше укинато државното обезбедување откако се повлече од кралските должности и се пресели во САД.
Опишувајќи го судскиот пораз како „добра стара измама од естаблишментот“, Хари изјави дека се чувствува „предаден“ и ја обвини кралската администрација дека влијаела на одлуката.
На прашање дали побарал од кралот да интервенира, рече: „Никогаш не сум побарал да интервенира – само побарав да се повлече и да им дозволи на експертите да си ја завршат работата.“
Принцот рече дека начинот на кој бил третиран за време на процесот „ги разбудил неговите најголеми стравови“.
„Скршен сум – не толку поради поразот, туку поради луѓето кои стојат зад одлуката и мислат дека ова е во ред. Дали тоа е нивна победа?“ праша тој.
Продолжи: „Сигурен сум дека има луѓе, особено оние што ми мислат лошо, кои ова го гледаат како голема победа.“
Одлуката, според него, го засега секојдневно и го става во ситуација да може безбедно да се врати во Британија само ако биде официјално поканет од кралското семејство, бидејќи тогаш би му било доделено соодветно обезбедување.

Хари посочи дека промените во неговиот безбедносен статус од 2020 година не влијаеле само врз него, туку и врз неговата сопруга и подоцна врз неговите деца.
„Сите знаеја дека не ставаат во опасност и се надеваа дека мојата свесност за тој ризик ќе не натера да се вратиме“, рече тој.
„Без разлика дали сте влада, кралско домаќинство, татко ми или некој од моето семејство – и покрај сите разлики, зарем не сакате барем да нè заштитите?“
На прашање дали му недостасува Велика Британија, тој одговори: „Ја сакам мојата земја, отсекогаш сум ја сакал, и покрај сè што некои луѓе таму направија … тажно е што нема да можам да им ја покажам на моите деца.“
Хари изјави дека нема да поднесе нова тужба, додавајќи дека пресудата „покажа дека нема начин ова да се добие преку судски пат“.
„Сакав некој да ми го каже тоа порано“, рече тој, нарекувајќи ја пресудата „изненадувачка“.