ПопуларноХрана и Здравје

Пчелите ја кријат тајната на долговечноста

Научниците од истражувачката агенција Aria, финансирана од британската влада со 800 милиони фунти, ќе го истражуваат потенцијалот на матиците во пчелините заедници, во рамки на проект што има за цел откривање на терапии кои би можеле да го продолжат човечкиот животен век, пренесуваат денес британските медиуми.

Матиците, кои имаат идентична ДНК како и пчелите работнички, но сепак живеат многу подолго, веќе подолго време ја будат љубопитноста на научната заедница. Прашањето е дали тие можеби ја носат тајната на долговечноста и плодноста, пишува The Guardian.

Целта на овој амбициозен научен проект е да се истражи биологијата на пчелите, за да се открие што им овозможува на матиците да живеат со години и да останат плодни, додека работничките најчесто живеат само неколку месеци.

Агенцијата Aria се занимава со високо ризични, но потенцијално револуционерни проекти, кои иако можат да не успеат, доколку се успешни, би можеле да донесат значајни општествени промени, наведува британскиот весник.

„Токму тие наизглед луди идеи имаат потенцијал вистински да го трансформираат животот на секој човек“, изјави еден од осумтемина програмски директори на агенцијата, Јаник Вурм.

Вурм, кој претходно работел како професор по еволутивна геномика и биоинформатика на Универзитетот Кралица Мери во Лондон, ќе го предводи проектот за проучување на пчели, оси, мравки и термити — кој би можел да донесе значајни резултати за здравјето на луѓето.

„Ако успееме да откриеме и искористиме начини на кои природата се справува со предизвиците со кои се соочуваат пчелите, тоа може да доведе до револуција во забавување на стареењето, подобрување на плодноста кај луѓето и создавање нови решенија за лекување болести“, изјави тој.

Претходни истражувања откриле дека младите матици чуваат сперма од бројни мажјаци во посебен орган и ја ослободуваат во текот на својот живот за да ги оплодат своите јајца.

Во кошницата, работничките ја хранат матицата со специјална секреција богата со витамини, која се верува дека придонесува за нејзината долговечност, како и со специфични антиоксиданси и микроби.

Како што потсетува The Guardian, научниците минатата година успеале да го продолжат животниот век на пчелите работнички со трансплантација на микроби од матици.

Агенцијата Aria е основана според идеја на поранешниот главен советник на тогашниот британски премиер Борис Џонсон, Доминик Камингс, и е инспирирана од американската агенција за одбранбени истражувачки проекти DARPA.

Претходно, Aria се занимавала со проекти за безбедност на вештачка интелигенција, роботи, синтетички растенија и други сè уште малку истражени области.

Секој проект на агенцијата трае од три до пет години, но за многу од нив потребно е подолго време за да дадат видливи резултати.

„Често велиме дека нашите програми испраќаат сигнал дека нешто е можно. Тоа не значи дека секогаш ќе успееме и на крајот на некоја програма ќе ја достигнеме посакуваната визија за иднината“, изјави официјалната претставничка на агенцијата Aria, Пипи Џејмс.