“Русија нема да се откаже од териториите одземени од Украина!” Остра закана од Москва: Нашата татковина не е на продажба
Високи руски функционери му се заканија на Западот доколку бидат запленети замрзнатите руски средства во тие земји.
Високи руски претставници денеска му се заканија на Западот со „жесток одговор“ доколку бидат запленети замрзнатите руски средства во тие земји. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на својот канал „Телеграм“ изјави дека „Русија никогаш нема да отстапи територии одземени од Украина во замена за враќање на замрзнатите средства“.

“Нашата татковина не е на продажба. Рускиот имот мора да остане недопрен бидејќи во спротивно ќе има силен одговор на кражбата. Многумина на Запад веќе го сфатија тоа. За жал, не сите”, напиша Захарова.
Во САД, Велика Британија и во Европската унија се разговара за можноста за запленување руски имот. Некои официјални лица бараат парите да се искористат за воена помош за Украина. Западот блокираше руски имот во вредност од околу 300 милијарди долари, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека во Русија се уште има многу пари кои би можеле да бидат контрамерки од Москва.
„Русија ќе ја искористи оваа предност и бескрајно ќе ги брани своите интереси“, рече Песков.