Страшно предвидување од поранешниот руски претседател: За неколку години повеќе држави ќе поседуваат нуклеарно оружје
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека во наредните години сè повеќе земји ќе дојдат до нуклеарно оружје, затоа што Западот го турка човештвото кон Трета светска војна, водејќи посредна војна против Русија преку конфликтот во Украина.
Медведев оцени дека опасноста од избувнување нуклеарен конфликт никогаш не била поголема, јавува Ројтерс.
Коментирајќи ги изјавите од Франција и Велика Британија во врска со нивните нуклеарни арсенали, Медведев рече дека станува збор за „ѕвечкање со оружје“, и покрај, како што вели, нивниот „слаб стратешки потенцијал“.

„Ситуацијата е таква што, дури и ако целосно престане конфликтот поради таканаречената Украина, нуклеарното разоружување во наредните децении ќе биде невозможно“, оценува Медведев.
Според него, светот не само што нема да оди кон разоружување, туку ќе создава нови видови разорно оружје, а нови држави ќе дојдат до нуклеарен арсенал.

Во моментов, нуклеарно оружје поседуваат: САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, наведува Ројтерс.