Хаос во автомобилската индустрија: Американските пристаништа полни со увезени автомобили, не знаат како да ги применат новите царини
Производителите на автомобили држат илјадници возила на американските пристаништа и привремено ги запираат пратките додека се обидуваат да ги ублажат ефектите од ескалацијата на трговската војна на претседателот Доналд Трамп.
Некои производители почнаа да го одложуваат влегувањето на нивните производи во САД во последните денови, изјавија за “Financial Times” тројца директори во логистичкиот и автомобилскиот сектор.
Еден од нив предупреди дека заостатокот на увезени возила во американските пристаништа може да стане „прилично грд“ со брзо полнење на пристаништата за неколку недели, доколку американските тарифи не се олеснат поради конфузијата околу тоа како ќе се применат мерките.
“Се приближуваме до капацитетот во некои пристаништа”, изјави еден менаџер за логистика.

Некои се надеваат дека тарифите нема да траат долго
Некои брендови како Audi, Jaguar Land Rover и Aston Martin ги стопираа или минимизираа испораките во САД за април, бидејќи се претпоставува дека нивните моментални залихи таму ќе бидат преоптоварени за краток временски период.
Во Германија, Бремерхавен, едно од најголемите пристаништа за автомобили во светот, рече дека очекува да изгуби до 50 отсто од испораките на возила до и од САД – пазар кој сочинува нешто помалку од една третина од вкупниот автомобилски сообраќај.
“Ќе ги почувствуваме и ефектите”, изјави Матијас Магнор, извршен директор на компанијата „BLG Logistics“, која стопанисува со пристаништето Бремерхавен.
Многу раководители во индустријата и понатаму се надеваат дека тарифите на Трамп за увезените автомобили нема да траат долго, што ги натера некои производители на автомобили засега да престанат да ги испраќаат од европските фабрики или пристаништа, според еден од директорите на логистиката.
„Тој привремен пристап на чекање и гледање е стратегија“, рече тој, додавајќи дека производителите на автомобили гледаат да видат дали има некаков компромис меѓу САД и нивните трговски партнери.
Директорот за логистика додаде дека знае за еден производител на автомобили кој побарал да ги задржи возилата на американските пристаништа доколку пристигнат по стапувањето на сила на тарифите. Друг ги чувал возилата на пристаниште во Европа.
Надоместоците за чување автомобили во пристаништето се високи, а производителите на автомобили, исто така, се обидуваат да ги преместат возилата во складишта во САД, каде што производителите можат привремено да складираат производи без царина.
Никој не знае како ќе се применуваат тарифите
Некои возила од канадско производство, транспортирани со железница, исто така се заглавени на влезното пристаниште во Детроит, според еден експерт за синџирот на снабдување со седиште во САД.
Од минатата недела, Трамп воведе царини од 25 отсто за сите увезени автомобили, но од 3 мај тарифите ќе опфатат широк опсег на автоделови, иако делумно се изземаа за Мексико и Канада.
Еден германски извршен директор на автомобили рече дека многу компании сè уште се обидуваат да откријат како точно ќе се применуваат тарифите и што е дел од автомобилот.
-“Дали делот е моторот или сите завртки во моторот?” се запраша тој.

Според американските власти, возилата што се во согласност со договорот за слободна трговија САД-Мексико-Канада од 2020 година ќе останат ослободени од царините, но тарифите од 25 проценти ќе стапат додека не се утврди вредноста на компонентите произведени во странство.
Производителите на автомобили сега се обидуваат да откријат од каде доаѓа секоја од компонентите во нивните возила, процес кој е исклучително тежок и одзема многу време поради сложената и глобална природа на синџирите за снабдување на автомобилите.
Официјален претставник на германскиот производител на автомобили рече дека логистиката е краткорочен тактички потег, но производителите на автомобили сè уште не носат долгорочни одлуки за производство бидејќи сè уште има преголема несигурност за долговечноста на тарифите или потенцијална одмазда од други земји, објави „See biz“.