ВестиПопуларно

Јутјубер ја посети Северна Кореја и откри бизарни правила за кои нема разумно објаснување: „Никаде на друго место не ми се случило ова“ (ВИДЕО)

Британскиот јутјубер и инфлуенсер Мајк О’Кенеди, кого на Инстаграм го следат повеќе од 88 илјади луѓе, ја посети Северна Кореја и опиша строгите правила на кои морал да се придржува за време на неговиот престој. 28-годишникот поминал пет дена во една од најизолираните земји во светот, откако таа повторно почна да прима туристи по олеснувањето на мерките воведени за време на пандемијата на ковид-19.

За време на посетата, добил организирана тура низ градот Расон, посебна економска зона во близина на границата со Кина и Русија – едно од ретките места кои туристите смеат да ги посетат. Таму се соочил со неколку необични ситуации, како на пример обиколка на фабрика за флаширана вода во која немало ниту еден работник и присуствувал на настап на ученици кои пееле песни посветени на нивниот лидер Ким Џонг Ун.

Ролетните во авионите мора да бидат спуштени

Пред пристигнувањето во земјата, Мајк и неговата туристичка група, која вклучувала посетители од Франција, Германија и Австралија, морале да ги држат ролетните на прозорците на авионот затворени за да не можат да ја видат земјата од воздух.

Патувањето било планирано месеци однапред преку туристичка агенција, а на границата му побарале список на сите електронски уреди што ги носи со себе.

„Тој список мораше да се совпадне со уредите што ќе ги носиме и при излегувањето, не затоа што беа загрижени што ќе изнесеме, туку што би можеле да оставиме зад себе. Не е дозволено внесување ништо што би можело да се смета за политички чувствително, како книги за Северна Кореја или USB со политички содржини однадвор“, објасни Мајк.

Тој додаде дека индивидуални патници мора да добијат дозвола од Министерството за надворешни работи.

Нема интернет

Северна Кореја е крајно централизирана тоталитарна држава. Иако е една од најсиромашните земји во светот, располага со една од најголемите армии и инвестира огромни средства во нелегалната нуклеарна и балистичка програма.

Сепак, во земјата нема мобилни мрежи, интернет ниту банкомати. Граѓаните немаат пристап до глобалниот интернет. Наместо тоа, постои затворена мрежа наречена Квангмјонг, на која се достапни само домашни страници под строга контрола на властите.

Туристите не смеат да комуницираат со локалното население

На туристите не им е дозволено да комуницираат со локалното население, да користат тоалет без дозвола или да се движат сами.

„Никаде на друго место не ми се случило ова“

Мајк раскажа дека цело време бил следен од тројца севернокорејски водичи, фотограф и возач, а иако биле љубезни, не можел да се ослободи од чувството дека е постојано под надзор.

„Дури неколку пати морав да им кажам кога сакам да одам во тоалет. Никаде на друго место во светот не ми се случило ова“, изјавил тој за BBC и додал:

„Видов многу малку луѓе, ниту еден автомобил.“

Во видеото што го објавил на Јутјуб, се гледа како се обидува да отвори прозорец во хотелската соба, но сфаќа дека е запечатен.

Органско ѓубрење со човечки измет

Мајк бил изненаден од огромното количество обработливо земјиште, но истовремено забележал дека нема никаква механизација ниту опрема за жетва, и покрај двоочасовното возење низ селските предели.

Таму му објасниле дека хемиски ѓубрива не се користат, туку жителите го собираат сопствениот измет, кој потоа се користи како органско ѓубриво на полињата.

„Чудна атмосфера“

Мајк бил свесен дека тој и неговата група добиваат посебен третман, но не можел да го игнорира „чудното чувство“ што го имал поради строго контролираниот контакт со локалното население.

„Во Северна Кореја владее чудна атмосфера, но тоа и го очекував. Освен групата со која пристигнав, буквално нема никого. Тоа е навистина чудно.

Исто така, ми беше премногу чудно што не можам наутро да правам што сакам. Не можам само да станам, да прошетам или да појдам да јадам нешто, туку сè е однапред организирано“, рекол тој.

Дегустација на пиво и соја

И покрај чувството на нелагодност, една вечер Мајк и неговата група добиле „малку вкус од дома“, кога ги однеле во бар да пробаат севернокорејско пиво и соја.

Подоцна, тој посетил средно училиште во Расон, каде што разговарал со ученици кои учат англиски јазик.

Присуствувал и на наступ на десетици деца од Расон, кои изведувале песна и танц во чест на Ким Џонг Ун.

Лидер или божество?

„Главната тема во текот на целото патување беше апсолутната оданост што луѓето ја покажуваат кон Ким Џонг Ун.

Иако сум свесен дека немаат многу избор, бидејќи отворена критика кон власта значи апсење, сепак јавниот култ околу Ким Џонг Ун е повеќе од култ на лидер – за нив тој е божество“, заклучил Мајк.