Пееше во популарна група од 90-тите, а сега живее како бездомничка: „Горда сум на сè што постигнав“
Американската пејачка Доун Робинсон, поранешна членка на R&B групата En Vogue, која се прослави во 90-тите со хитовите „Hold On“ и „Free Your Mind“, откри дека веќе три години живее во својот автомобил како бездомничка.
Групата неодамна најави европска турнеја, но 58-годишната пејачка откри дека живее далеку од гламурозниот свет на славата, на кој некогаш припаѓала.
Живее во автомобил веќе три години
Робинсон ги сподели деталите од својот живот во видео на YouTube, што ги растажи нејзините обожаватели. „Ако тогаш бевте со мене, во 2020 година, дадов 105.000 интервјуа, а во меѓувреме живеев со родителите во Лас Вегас и тоа беше прекрасно некое време“, изјави таа, објаснувајќи дека заминала од дома поради проблематичен однос со мајка ѝ.
Нејзината менаџерка ѝ понудила да се пресели во нејзиниот стан во Лос Анџелес, но бидејќи немало доволно простор, ја сместила во хотел, каде што живеела осум месеци, плаќајќи по 3000 долари месечно.
Во 2022 година, пејачката станала бездомничка и одлучила да живее во својот автомобил. „Се чувствував слободна. Како да отидов на кампување. Ми се чинеше како исправна одлука за мене. Но, првата ноќ во автомобилот беше застрашувачка“, раскажа таа, додавајќи дека научила како да ги покрива прозорците и да биде на штрек.
„Горда сум на сè што постигнав“
„Многу внимавате што зборувате пред луѓето кога сте сами, особено како жена, а јас сум и славна личност, па затоа не го кажувам тоа на секого. Знаете, многу славни личности живееле во своите автомобили“, изјави Робинсон.
Таа додаде дека има поддршка од блиски луѓе, вклучувајќи го својот брат Евин и асистентката Неви, и се осврна на својот живот во бездомништво.
„Општеството гледа со потценување на луѓето кои живеат ’надвор од системот‘, но ви кажувам дека многу луѓе ќе почнат да го прават истото. Дали би живеела во стан ако имав избор? Да. Нема да ве лажам. Но, среќна сум што го направив ова. Горда сум на сè што постигнав тука“, порача пејачката.