Почина Роберто Кавали
Модниот дизајнер Роберто Кавали почина во Фиренца на 83 години по долга болест, пишува порталот „La Republica“. Зад себе остави шест деца, меѓу кои и најмладиот Џорџо, на возраст од околу една година.
Кавали почнал да се занимава со мода како многу млад и во 1970-та година создал сопствен бренд кој се истакнал со својата креативност и големото влијание на модните писти, во голема мера користејќи вез и крзно.
Брендот е продаден во 2015-та година кога дизајнерот се повлекол од јавниот живот.
Долгите фустани со проѕирни материјали и длабоки изрези одбележаа долг период од модата. Исто така ја создал линијата „Just Cavalli“, лансирана во 1998-ма година.
Се родил и израснал во Фиренца, градот кој го сакал. Неговиот дедо Џузепе Роси, бил познат сликар, додека неговиот татко Џорџо бил убиен од нацистите во 1944-та година. Дизајнерот рекол дека неговиот последен син го добил името Џорџо токму од таа причина.
Веќе некое време бил болен и последните недели неговата состојба се влошувала.