ПопуларноСпорт

Беше најдобра тенисерка на светот, а сега нема пари ни да ги нахрани децата

Аранча Санчез Викарио, некогашна број еден во светскиот тенис, денес се соочува со сериозни животни тешкотии. Заедно со својот поранешен сопруг е обвинета за избегнување на отплата на долг кон банка во Луксембург. Добила условна затворска казна од две години и парична казна во висина од 8.640 евра.

Аранча Санчез Викарио беше икона на белиот спорт помеѓу 1985 и 2002 година. Секој кој во тој период барем малку следел тенис, знаеше за нејзините подвизи. Но, иако на теренот блескаше, животот по повлекувањето ѝ донесе поинаква судбина. Колку беше паметна на теренот, толку – според нејзиното признание – испаднала наивна во секојдневниот живот и брачните односи. Тоа, за жал, ја чинело многу.

Поранешната најдобра шпанска и светска тенисерка, која во текот на кариерата заработила 17 милиони долари, се товари дека заедно со својот поранешен сопруг Жозеп Сантака, смислиле план за избегнување на отплатата на долг од 7,5 милиони евра кон банка во Луксембург. Таа изјавила дека имала намера да го отплати долгот, но сопругот ја уверувал дека сè е веќе решено.

Условна казна од две години затвор

Се соочувала со можност за четиригодишна затворска казна, но на 12 септември 2023 година добила условна казна од две години затвор, како и парична казна од 8.640 евра. На изрекувањето на пресудата се расплакала пред судијата.

Четирикратната грен-слем шампионка подоцна во искрено интервју за шпанскиот “El País” признала дека нејзиниот живот моментално е исклучително тежок, особено на финансиски план. Таа мора да пренасочува половина од своите приходи на банката од Луксембург и досега има отплатено речиси два милиона евра. Сепак, ситуацијата дома останува многу сложена.

„Половина од сè што сум заработила во кариерата морам да го дадам за долг. Сама ги издржувам двете деца, при што пријателите ми помагаат финансиски. Веќе се навикнав. Неверојатно е колку труд вложувам и колку ќе морам уште да вложам до крајот на животот за да застанам на нозе. Состојбата е навистина, навистина тешка“, изјави таа пред две години.

„Му верував на сопругот, а тој ме изневери“

Се присетила и на сето она што ѝ требало за да ги заработи тие 17 милиони долари – напор, одрекување и солзи. Но, парите исчезнале во миг.

„Сè што освоив, ме чинеше илјадници претрчани километри, часови и часови тренинг, одрекување и труд. Сè мораше сама да го заработам – никој ништо не ми подарил. Денес, децата ги издржувам благодарение на пријатели што ми позајмуваат. Она што е мое – припаѓа на мене и на моите деца. Тоа е мојата најголема мотивација да се борам и да вратам сè. Ова е многу неправедно. Со оглед на сето што постигнав во тенисот, фактот дека денес не можам да живеам од тоа е удар што не го очекував“, изјави во емотивен разговор за шпанската Marca.

„Мојата грешка беше што се заљубив. Му верував на човекот до мене – на сопругот – а тој ме изневери“, додаде Санчез Викарио, која се развела во 2019 година.

Втор брак и две деца

Ова ѝ беше втор брак. Претходно кратко била во брак со спортскиот новинар Хуан Веилс (2000 – 2001), а потоа се омажила за контроверзниот бизнисмен Жозеп Сантака, со кого има две деца – ќерката Аранча (16) и синот Лео (14).

Во едно интервју, открила и со што се занимаваат нејзините деца:

„И двајцата играат фудбал. Значи, не сум мајка на тенисери, туку мајка на фудбалери. Секој викенд навивам за мојата ќерка и син на нивните натпревари. Прекрасно е да ги гледам како уживаат во спортот“, истакна таа во разговор за Sportskeeda.