Спорт

Столе од следната сезона во шпанскиот гигант!?

Голманот на Рајо Ваљекано и фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски потпишал преддоговор со Валенсија, објави денеска шпанскиот спортски весник „AS“.

Како што се наведува, голманот на Рајо Ваљекано, на кого договорот му истекува на 30-ти јуни, не одговорил на понудата на тој тим за обновување на договорот.

„Мадридскиот клуб станува нестрплив, бидејќи му е потребен договор за да може да го планира и наредната година, а споменатата понуда веќе би можела да истече. Ова доцнење во одговорот на голманот има врска со Валенсија, бидејќи како што дознава нашиот весник, постои принципиелен договор од двете страни Македонецот следната сезона да ги брани боите на Валенсија“, наведува „AS“.

Како што пишуваат македонските медиуми, кои ја пренесоа оваа информација, Димитриевски неодамна изјави дека со Рајо преговара за нов договор, но нагласил дека продолжувањето на соработката не зависи само од него.

Се додава и дека Валенсија планира да го продаде Грузиецот Мамардашвили за околу 30 милиони евра и да го замени со Димитриевски без отштета.