„ТАКА НЕ ИГРА ДЕБЕЛА, ПИЈАНА СВИЊА“ – Откриена вистинската причина за заминувањето на Лука Дончиќ од Далас!
Сè започна 18 месеци пред размената, кога Херисон му врачи отказ на човекот кој се грижеше за кариерата на Лука.
Познатиот НБА инсајдер и аналитичар на ESPN, Тим Мекмејон, ја откри вистинската позадина на разделбата меѓу Лука Дончиќ и Далас.
Во можеби најшокантната размена во историјата на НБА лигата, суперѕвездата на Далас, Лука Дончиќ, без никакви претходни сигнали, беше разменет на почетокот на февруари во редовите на Лос Анџелес Лејкерс.

ESPN открива дека тензиите во Далас почнале 18 месеци пред размената на Дончиќ, кога генералниот менаџер Нико Херисон донел одлука да му врачи отказ на човекот кој имал огромно влијание врз кариерите на двете најголеми икони на клубот – Дирк Новицки и Лука Дончиќ. Тоа беше првото домино што ја покрена лавината во тексашката франшиза.
Во август 2023 година, Херисон му врачи отказ на Кејси Смит – кондиционен тренер и раководител на медицинскиот тим во Далас, кој беше дел од клубот уште од 2004 година.

Неколку дена по приемот на Новицки во Куќата на славните, на кој присуствуваше и Смит, искусниот стручњак замина во Охајо за да помине време со мајка му, која тогаш била на смртна постела. Херисон го побарал и му порачал дека итно мораат да се сретнат. Кејси му објаснил дека тоа во моментот не е можно, поради критичната здравствена состојба на неговата мајка. Сепак, Херисон организирал видео-состанок и на тој начин му соопштил отказ.
Официјалниот повод бил навистина бизарен – Смит наводно бил „премногу негативен“.
Генералниот менаџер на Маверикс сакал да се ослободи од Смит бидејќи имал преголемо влијание во организацијата.

Следуваше нов шокантен потег. Веднаш пред финалето на НБА, отказ добија и кондициониот тренер Џереми Холсопл и физиотерапевтот Кејси Спенгер. Интересно е што сите тројца беа многу блиски со Дончиќ и играа клучна улога во неговото рехабилитирање.
„Гледам позитивно на тоа – ги заменивме со подобри луѓе и поголеми експерти“, изјави Херисон по серијата изненадувачки откази.
Но неговите „подобри експерти“ не ги оправдаа очекувањата. Екипата изгледаше физички неподготвена, а повредите се зголемуваа. Незадоволството во соблекувалната растеше.
Во обид да се „оправдаат“, во ноември клубот ја искористи повредата на зглобот на Дончиќ како изговор за да го прикрие неговото лошо физичко подготвување.
Ситуацијата дополнително ескалираше кога Дончиќ, за време на рехабилитацијата, одби да патува со екипата на пет последователни гостувања, сакајќи да остане во Далас и да тренира двапати дневно. Неговиот тим сметал дека му се потребни шест недели за целосно закрепнување, додека стручњаците донесени од Херисон тврделе дека се доволни две до три недели. Очекувано, Херисон застанал на страната на своите луѓе – што целосно го разлутило Дончиќ.

Поранешниот сопственик Марк Кјубан се обидел да ги смири тензиите меѓу двата табора – тој на Дончиќ и оној на Херисон – но не успеал. Епилогот е познат: Лука без никакво известување бил трејдуван во Лејкерс.
По размената, следеше медиумска кампања против Дончиќ. Почнаа да се шират приказни за неговата тежина, нездрави навики, проблеми со кондицијата и недисциплина во исхраната и тренинзите.
„Така не игра пијана, дебела свиња“, изјавил со гнев еден близок пријател на Дончиќ, револтиран од начинот на кој Маверикс се обиделе да го оцрнат Лука.