Спорт

Талент уништен од пороци: Постигна гол во финале против Аргентина, а сега спие пијан на клупи

Дали се сеќавате на Мартин Фенин? Ако го гледавте славното Светско првенство за играчи до 17 години во времето кога играа Агуеро и Пике, сигурно сте го запамтиле.

Аргентина во 2007-ма година го освои Светското првенство за фудбалери до 17 години и на светот тогаш им ги претстави Серхио Агуеро, Евер Банега и Анхел Ди Марија. На турнирот ги запознавме и Луис Суарез, Единсон Кавани, Артуро Видал, Хуан Мата, Алехандро Пато, Марсело, Џерар Пике и Алексис Санчез, меѓутоа можеби најголемото изненадување и откритие на турнирот беше Чешка која до финалето ја предводеше Мартин Фенин.

Дали тоа име ви звучи познато? Мартин Фенин брилираше на турнирот во Канада и заедно со Лубош Калуда дадоа по дури три гола за репрезентацијата на Чешка, а постигна и гол за водство против Аргентина во финалето, меѓутоа гаучосите преку Агуеро и Зарате дојдоа до светската титула. Но, изгледаше дека за Фенин допрва доаѓаат големи работи.

На тој турнир, на кој играше како фудбалер на Теплице (дебитираше со 16 години за првиот тим), привлече внимание од најголемите светски клубови. Го следеше Јувентус кој го сакаше веднаш по враќањето во Серија А, меѓутоа Фенин се двоумел поради добро познатите проблеми со законот кои ги имала „Старата дама“ и затоа го избра Франкфурт. Платен е 3,5 милиони евра и тоа во тоа време била голема инвестиција, но изгледало дека во Ајнтрахт „фатиле премија“ кога на деби натпреварот постигнал хет-трик.

„Навистина сум возбуден, сепак ова е мојот прв хетрик во кариерата. Бев малку нервозен, ништо не укажуваше дека ќе дадам три гола“, рекол Фенин откако постигнал три гола против Херта.

После тоа Фенин никогаш не покажа ни дел од својот талент. До крајот на сезоната во Бундеслигата даде уште два гола и 11 асистенции, а потоа неговите бројки почнаа да опаѓаат. Бил надвор од теренот половина сезона и постигнал само три гола следната година. Франкфурт испадна во вториот ранг, а Фенин беше пратен на позајмица во Котбус. Се обидел да ја оживее кариерата во Славија Прага, Теплице, Истра и други помалку познати второлигаши, и конечно ја завршил кариерата во 2020-та година. Технички, тоа го направи многу порано, на само 27 години.

Од поголем успех го одвоиле недисциплината и алкохолот. Отворено зборувал за своите проблеми и истакнал дека се борел со депресија и дека алкололот бил решение за се. „Кога има проблеми, секогаш посегнував по алкохол. Тоа беше моето решение за се. Најлошо беше што за тоа не разговарав со никого до неодамна. Се затворив во себе и не зборував за своите проблеми“, рекол отворено Фенин.

Се обидел да се промени, но не успеал. Се оженил со полицајка, па се обидел да успее во ММА, што не му тргнало од рака и денес изгледа непрепознатливо, како никогаш да не спортувал. За тоа сведочи и неговиот профил на Инстаграм на кој рекламира разни компании во обид да заработи некој денар.

„Често доаѓа дома пијан, а неколку пати лежеше пред куќата. Понекогаш спие во својот Мерцедес во јавни гаражи, а околу автомобилот има повраќаници и измет“, велат неговите соседи.